Жители од станбени згради кои се наоѓаат на пресекот на улиците „Асном“ и „Карпош Војвода“ се жалат дека секојдневно се вознемирени од големата бучава која ја создаваат гости сместени во станови, чии сопственици нелегално ги издаваат.

– Пуштаат прегласна музика, викаат, играат фудбал до раните утрински часови, па останатите станари буквално до зори не можат око да склопат. Ги опоменувавме повеќе пати на што добивавме недолични одговори. Во неколку наврати викавме и полиција, но проблемот никако да се реши. Сопствениците воопшто не ги познаваме, но очигледно не се од Охрид па становите ги издаваат на гости кои воопшто не ги пријавуваат, велат станари од околните згради.

Од општинскиот инспекторат потенцираат дека ваквите проблеми треба кај нив да се пријавуваат, по што инспекторите ќе излезат на терен.

–    На секоја пријава нашите инспектори се должни да излезат на лице место и да проверат дали станува збор за пријавени гости и дали сопствениците се евидентирани како станоиздавачи. Соодветно на тоа се преземаат мерки согласно нашите ингеренции, вели раководителот на  општинскиот инспекторат, Танас Танасоски.


Од СВР- Охрид велат дека во ваквите случаи кооординирано дејствуваат заедно со инспекциските служби.

–    Доколку се пријави нарушување на јавниот ред и мир нашите службеници вршат легитимирање на лицата, по што во соработка со надлежните инспекции следува и поднесување на соодветни пријави до лицата кои го нарушуваат јавниот ред и мир, но и до сопствениците на становите. Но, има и случаи кога од страна на граѓаните се пријавуваат вакви случаи, а потоа никој не сака да се потпише на поднесената пријава, па таа понатаму не може да се спроведе, вели портпаролот на СВР- Охрид, Стефан Димоски.

Тој нагласува дека оваа туристичка сезона, за разлика од минатата пријавувањата на нарушувањата на јавниот ред и мир во градот се значително помалку по број,а не е голем и бројот на жалби на граѓаните во однос на прегласната музика која доаѓа од кафулињата. 

Т.Кувенџиска