Според податоците на Центарот за социјална работа, во Охрид и Дебрца евидентирани се вкупно 600 социјално загрозени семејства. Иако поради строгите критериуми за доделување еднократна или постојана помош, бројот на евидентирани семејства на која помошта им е најнеопходна, според центарот во последните пет години се намалува, се поголем е бројот на семејства кои бараат помош во општинскиот Црвен крст.

Кај нас постојано доаѓаат луѓе кои бараат помош, некои од нив и не се евидентирани во списоците на Центарот за социјална работа поради строгите критериуми. Доколку сме во можност им даваме еднократна помош, вели Мимоза Ставрева од општинскит Црвен крст.

Со цел да и се помогне на оваа ранлива категорија граѓани, по повод Светскиот ден на гладта и Неделата на борба против гладта, Црвениот крст спроведува кампања за помош на социјално најзагрозените наши сограѓани, кои секојдневно се борат со гладта.

Волонтерите од општинскиот Црвен крст веќе се на терен и спроведуваат низа активности со цел да се покрене јавната свест за немаштијата и социјално загрозените семејства и да се изнајдат фондови за да им се помогне, дистрибуирајќи им пакети со храна.

Една од акциите наменета е за корпоративниот сектор, при што околу 300 компании добиваат флаери во плико на кои се наоѓа жиро- сметка на фондот на солидарноста на Црвен крст Македонија.

– Апелирам до сите кои ќе ги примат флаерите да донираат дел од своите парични средства кои се многу малку за нив, но многу значат за социјално загрозените, нагласува Ставрева.

Во рамки на Неделата на глад, волонтерите на Црвен крст на терен вршат и продажба на вредносни купони со симболична цена од 20 денари.

– Се собираат материјални и финансиски средства или храна која ќе им биде донирана на семејствата во Охрид и Дебрца. Купоните се со симболична цена па така секој кој сака може да се приклучи кон акцијата и да направи нешто за оваа група граѓани, вели Младен Божиновски, младински координатор во општинскиот Црвен крст.

Дистрибуцијата на хуманитарните пакети со храна до социјално загрозените семјства од Охрид и Дебрца е предвидено да се дистрибуираат на почеток на ноември.

Т.К.