Зголемената и несоодвeтна урбанизација на крајбрежните неселби, актуелните теми за Студенчишкото блато, недоизградениот колектор и концесиите на плажите беа дел од темите за кои се дебатираше во рамки на Јавната трибина „Дали зголемената урбанизација го уништува Охридското Езеро“ која се одржа вчера во Охрид.
Иако на трибината која ја организираше Граѓанската асоцијација „МОСТ“ биле поканети сите пратеници од 5-та изборна едница, со ставовите на граѓаните се соочија само избраните пратеници на опозицијата, кои во моментов дејствуваат надвор од Собранието на Република Македонија, додека пак пратениците од владејачката партија не се одзваа на поканата за учество. Поради тоа дел од присутните ја напуштија трибината.
Исто така на трибината не присуствуваа ни претставници од Охридската локална самоуправа.
Во рамки на отворената дебата се вклучија голем број граѓани на Охрид, експерти, екологисти и претставници на невладини организации, кои изразија загриженост за преголемата урбанизација на Охрид и крајбрежјето.
Трајче Талески од Хидробиолошкиот институт од Охрид рече дека голема штета е тоа што Охрид го пропуштил проектот на Германското друштво за соработка ГИЗ и ги изгубил средствата, кои биле наменети за ревитализација на Студенчишкото блато
-Имам доста пишувано за Студенчишкото блато како еден од поголемите поборници за негова заштита и ревитализација. Јас бев и во некои директни судири со актуелниот градоначалник бидејќи бев еден од промоторите за отпочнувањето на ГИЗ-проектот за заштита на блатото, но за жал локалната и државата изгубија околу 100.000 евра кои можеа да се искористат за ревитализација на овој еко систем, рече Талески.
Слични ставови околу заштитата на Студенчишкото блато изнесоа и претставници на Еколошкото друштво „Грашница“, кои ја потенцираа и потребата од реконструкција и доизградба на колекторскиот систем на Охридското Езеро.
Томислав Тунтев кој е избран за пратеник од редовите на СДСМ од Охрид, во своето излагање пред присутните потенцираше дека причината за преголемата урбанизација лежи во надлежностите на институциите, бидејќи тие ја носат одлуката за секој Детален урбанистички план.
-Вкупно 12 институции во Охрид даваат согласност за усвојување на Детален урбанистички план, за на крајот Министерството за транспорт да ја даде конечната согласност за усвојување на тој план и истиот да дојде на Совет на општина. Значи надлежноста за Охридското Езеро и за целото крајбрежје е на Министерството за транспорт и врски, рече меѓудугото Тунтев.
Тој истакна дека жално е што странци ни посочуваат дека си го уништуваме нашето природно и историско наследство и дека не треба да го дозволиме тоа.
Јован Митрески од Струга кој исто така е избран за пратеник од редовите на СДСМ во 5-тата изборна единица потенцираше дека концесиите на плажите во Струга го уништиле крабрежјето.
-Под превезот дека треба да се случи брз туристички равој, плажите се дадоа под концесија исто како и во Охрид. И наместо да се градат објекти онака како што беше планирано и да бидат изградени времени и монтажни објекти, се изградија објекти каде што сега во Струга се прават свадби со по 500 гости директно на брегот. Исто така во неколку наврати се случи намерно палење и на трската, што нанесува штети врз живиот свет во езерото, рече Митрески.
Тој дискутираше и за долгогодишниот проблемот со недоизградениот колекторски систем во селото Радожда, како е еден од најголемите еколошки проблеми со кој се соочува Охридското Езеро.
Организаторите на трибината информираа дека ова е четврта трибина во рамки на проектот „Мобилен Парламент“ која е организирана во Македонија и прва на која не присуствувале претставници од власта.
OhridNews