Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД), Скопје, во периодот Јануари 2014 – Јуни 2015 година ќе го спроведуваат проектот “Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија”. Во рамки на проектот, утре, на 2 август, се организира Еко-караван по патеките на Илинска-Плакенска Планина. Еко-караванот опфаќа тргнување со возила од Охрид, попатно застанување во неколку села во Дебарца, сликање и собирање растителни видови, изработка на хербариум, изложба и одржување информативен ден на локалитетот Илинска Црква.

– Целта на настанот е да се подигне свеста на населението и да се информира за значајни растенија од флората на Илинска-Плакенска Планина кои имаат медицинско/комерцијално значење, односно се експлоатираат најмногу од страна на локалното население. На настанот ќе се делат информативни материјали и ќе се дискутира со присутните луѓе кои се заинтересирани за флората (собирачи на билки, потенцијални собирачи, заинтересирани граѓани и др.), информираат од ЕД „Грашница.“

Во склоп на настаните е и отворениот конкурс  за фотографии кој има цел откривање ретки/заштитени/загрозени растителни видови од флората на Илинска-Плакенска Планина. Имено секој граѓанин може да ни испрати најмногу по 5 фотографии од флората на Илинска-Плакенска Планина кои треба да се испратат по мејл најдоцна до 10 август 2014 , на [email protected]

За оние кои ќе фотографираат такви растенија  ќе има пригодни награди. Од фотографиите на кои има растенија со одредени значења: редок, загрозен, ранлив и сл. статус ќе се направи изложба на повеќе локации во Охрид во текот на август и септември 2014.

Еко-караванот е отворен за сите заинтересирани кои можат да ни се придружат со сопствени возила, со тргнување во 09.00 часот пред просториите на друштвото, ул. Димитар Влахов бр. 60 .

OhridNews