Охриѓани, кои четврти ден се соочуваат со последиците од снежното невреме ги полнат домашните резерви. Маркетите во градот до доцните попладневни часови беа преполни со купувачи. Поради страв да не останат без електрична енергија за новата година, охриѓани ги купија сите свеќи од продавниците.
-Свеќи нема, вели менеџерот во „ДОН“ маркетите Марјан Чадоски. Претходните денови имавме краткотрајни проблеми, вчера и денеска е одлично, интересот е голем кај потрошувачите, денеска забележувам туристи од страна, така што очекуваме уште една добра Нова година во Охрид, доддава Чадоски.
Граѓаните се лути на јавните служби, кои потфрлија во справувањето со снегот. Најтешко им е на жителите од стариот дел на градот кои едвај успеваат да стигнат до домовите. Проблеми има со телекомуникациските врски, интернетот и кабелските оператори.
-Снегот како да не изненади малку. Требаше подобро да се подготват службите и да се исчисти снегот, да биде подобро среден Охрид, што ќе придонесе и за подобар впечаток кај туристите. Јавните површини се лизгави, коловозите исто така, а најлоша состојбата е во стариот дел на градот, вели жител на Охрид.
-Во информативен мрак сум. Живеам во центарот на градот и веќе трет ден немам телевизија. Од кабелскиот оператор постојано велат ќе се среди, но не се средува проблемот.-истакна жителка на Охрид.
И натаму патните правци од и кон Охрид се тешко проодни. Туристите кои новата година решија да ја минат во Охрид, се изненадени од лошата состојба на македонките патишта.
-Дојдовме синоќа од Сремска Митровица, Србија. Измрзнавме, патот е очаен. Не се надевавме на ваков снег и лоши услови за патување низ планините. Се привикнуваме полека. Патувавме 11 часа до Охрид. Ни се допаѓа градот, но патиштата се лоши, особено од Скопје до тука. Апел, подобрете ја инфраструктурата!– рече туристка од Србија.
И покрај лошите услови на патиштата во текот на целиот ден во Охрид пристигнуваат автобуси со туристи, но има и откажувања на аранжманите во сопствена режија. Сепак градот е полн со гости, а во рестораните и кафетериите веќе се чувствува предновогодишна атмосфера. Меѓу расположените туристите попладнево беше и градоначалникот Бакрачески. Тој уверува дека градот за најлудата ноќ ќе има електрична енергија.
-Изненаден сум од бројот на гости кои денеска дојдоа во Охрид. Не очекувам градот да има проблеми со струјата, освен Велестово и Рача. Нема најави ниту од ЕВН ниту од МЕПСО за некаков прекин во снабдување со електричната енергија. Така што Охрид е подготвен вечерва за прослава на новата година.-изјави градоначалникот Бакрачески.
Главната прослава за Нова година во Охрид ќе биде на плоштадот Св. Климент Охридски каде вечерва ќе настапи Владо Јаневски.
Г. Момироски