Членови на Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичка војна 1941-1945 и граѓани подджувачи од Охрид и Дебарца, Здружението на ветерани и Здружението на поддржувачи на ликот и делото на Јосип Броз Тито, вчера, во меморијалниот центар Пелинце, кумановско, присуствуваа на одбележување на 70-годишнината од АСНОМ.

На свеченоста присуствуваа претставници на владата, политичките партии, пратеници, членови на дипломатскиот кор и делегации кои положија цвеќе пред спомен обележјето на АСНОМ.

На свеченоста се обрати премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, кој истакна дека македонската нација и граѓани, секогаш биле на вистинската страна на историјата.

 

-Ние бевме дел од антифашистичката светска коалиција. Ние правата, цивилизациските права, самостојно ги извојувавме, и затоа никој не може да ни ги присвои, одземе или укине! Темел на тоа се 26.000 животи кои ги положивме во светлото на слободата! Ние имаме обврска тие права да ги браниме-, рече Груевски, додавајќи дека не постои лесен пат до слободата. „ И многумина ќе поминат низ солзи и крв, повторно и повторно се додека не се стигне до заветот голем колку и жртвата, тоа е слободата. Така веруваа нашите херои. Ние мора да учиме од нашето минато, и мора да опстоиме и продолжиме со наша жртва за историјата, и за иднината. Ние не смееме да отстапуваме од патот кои тие го трасираа. Колку и да е тешко, колку и да се појавуваат препреки, ние мора да ги совладуваме и мора да бидеме цврсти и посветени на она што е наша визија и наш сон“,додадеГруевски. 

Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, посветен на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински кој денеска се наоѓа во Р. Србија, е изграден со цел Македонија достојно да го одбележи овој значаен датум, поради неможноста тоа да е направи на местото на историските случувања.

Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце е отворен на 2 август 2004 г., во повод на 60-годишнината од Првото заседание на АСНОМ. Комплексот има површина од 8,5 хектари, во рамки на кој има музеј во кој се пренесени спомен-плочите од Заседанието на АСНОМ што биле во Манастир Прохор Пчински.  Во музеот се наоѓа копија на собата во манастирот „Прохор Пчински“, во која се одржало Првото заседание на АСНОМ, до неа е и спомен-собата во која се изложени документите од создавањето на македонската држава.

70-годишнината од АСНОМ достојно беше одбележана и во Охрид.

OhridNews