Според информациите на УЈП, охриѓани се второрангирани на листата , после скопјани, според обидите да плаќаат помалку данок преку неиздавање на фискални сметки и покрај постојаните апели во јавноста и едукацијата која на терен ја спроведува УЈП.
Даночните контроли во Охрид покажале дека во екот на туристичката сезона, сите 34 контролирани објекти направиле прекршок во делот на фискализација.
По претходно добиени анонимни пријави на линијата 198, Управата за јавни приходи има евидентирано и шест случаи во кои зад семејниот бизнис се криеле раководните лица на подрачните единици на УЈП во Охрид, Пробиштип и Неготино, односно даночен инспектор и даночен контролор во Тетово и даночен извршител во Кочани.
Во услови на максимална отвореност и услужна ориентираност на даночната администрација, недозволиво е поедини фирми и лица да ја нарушуваат фискалната дисциплина. Ова посебно се однесува за вработените во УЈП кои делуваат спротивно на интегритетот и кодексот на етика на даночните службеници, за кои се преземаат конкретни мерки од страна на Единицата за професионални стандарди на Управата, потенцираат од УЈП.
Казната за неиздавање фискални сметки е 200 евра, 4000 евра за оние кои по втор пат направиле ист прекршок, а предвидена е и забрана за вршење на дејност од 30 дена.