Поради прекините на електричната енергија и проблемите со електро мрежата во Охридско-струшкиот регион, голем број граѓани и фирми во текот на изминатите неколку дена биле принудени да набават генератори за производство на струја. Граѓаните кои веќе купиле ваков наменски уред велат дека истото го направиле поради страв дека оваа зима може повторно да има проблеми со електроснабдувањето.

-Речиси 4 дена немавме струја, имаме мали деца, па поради тоа се одлучивме да набавиме ваков апарат. Се плашиме дека повторно ќе немаме струја, па затоа подобро да имаме генератор, барем за некои основни потребни во домот, вели жител на струшкото село Велешта.

Сопствениците на фирма чие седиште е во едно охридско село велат дека генератор за струја купиле во Битола, бидејќи во Охрид и Струга веќе немало на продажба вакви апарати.

-Претрпевме големи штети во работата, зошто 3 дена немавме струја. Се плашиме дека оваа ситуација може да се повтори, па затоа моравме да набавиме генератор. Ова е дополнителен трошок за нашата фирма, но сепак мораше да се направи, велат нашите соговорници.

Дека имало огромен интерес за набавка на генератори потврдуваат и трговците кои во својата понуда имаат вакви апарати. Според нив во Охридско-струшкито регион само за неколку дена биле продадени преку 100 вакви уреди.

-За два дена продадовме околу 50 генератори со различна ватажа, кои работат на бензин или на нафта. Претежно купувачите беа жители на охридските и струшките села кои немаа струја, но имавме и купувачи кои се сопственици на фирми. Цените на овие уреди се движат од 200 до 1500 евра, во зависност од капацитетот, велат од охридската фирма „Адвајзори“ кои се добавувачи за ваква опрема.

Дека бил голем интересот за купување на генератори ни потврдија и од баумаркетот „Набизи“ од Струга, од каде што не информираа дека за неколку дена продале околу 20-тина генератори.

Е.М