Излозите на речиси сите бутици и продавници низ Охрид изминативе неколку седмици се преплавени со известувања за намалување на сезонската гардероба. Тоа предизвикува голем интерес кај охриѓани и туристите, кои не ја пропуштаат шансата и на крајот од летото модерно да се облечат или да се подготват за наредната летна сезона.
Цените на сезонската гардероба, според она што може да се забележи по рекламите се намалени од 20 до 50 отсто.
-Попустите се ефективни, муштериите се задоволни и се разбира и ние не губиме многу. Во денешно време кога примањата се ниски, луѓето бараат да купат поевтино. Ние не можеме тековно да понудиме ниски цени, бидејќи имаме високи давачки и поевтино продаваме само во тек на распродажба, вели сопственик на еден охридски бутик.
Најприсутни во охридските продавници се припадничките на понежниот пол кои велат дека малите или големите намалувања се многу примамливи и можноста да се купи нешто поевтино се користи до максимум.
-Секогаш купувам гардероба на попуст, дури и да не успеам да ја износам, ќе остане за идната година. Јас сматам дека со попустите гардеробата само ја достигнува нејзината реалната пазарна вредност, а процентите за големо намалување кои се испишани на излозите се маркетиншки трик, вели наша сограѓанка која што во една од продавниците за чевли се поднови со пар сандали.
Од охридското Советодавно биро на Организацијата на потрошувачи не информираа дека до сега до нив не пристигнала ниту една поплака од граѓани во врска со нереални или несоодветно организирани попусти и распродажби во Охрид.
-Можеби вакви поплаки се поднесени до Пазарната инспекција, бидејќи и таа има надлежност за контрола на начинот на кој се организираат распродажбите на производите или сезонските намаленија, велат од Организацијата на потрошувачи.
Од таму објаснуваат дека распродажбата на еден производ мора да биде означена со нова цена на производот, која се наведува покрај видливо прецртаната претходна цена или со наведување на процентот на одобреното намалување за секој одделен производ или услуга. Како претходна цена треба се смета цената која трговецот ја применувал 30 дена пред отпочнувањето на распродажбата на производите.
-На пример продавачот продава јакна по цена од 1500 денари. По три месеци јакната ја намалува на 1000 денари и оваа цена ја користи 30 дена или повеќе. Кога продавачот сака да направи дополнителен попуст, тој треба да направи попуст на јакната на овие 1000 денари затоа што оваа цена ја применувал 30 дена пред да отпочне новиот попуст. Честопати ова не е вака, па продавачите не прават попусти на цената на производите по која ги продавале триесет дена,туку на нивната почетна цена на продажба. Затоа излегува дека производот е намален, на пример и до 40 %, а всушност тој е намален само 20%, се појаснува во брошурата „Распродажба на производи“ која е издадена од страна на ОПМ.
Во неа се напоменува дека сите распродажби не се вистинити и дека трговијата на мало честопати користи разни техники под називот распродажба за да го намами потрошувачот. Чести примери се оние за попусти во продавниците и до 70%, каде што најчесто само мал дел од производите имаат ваков попуст, иако на целиот излог стојат огромни натписи кои наведуваат на помисла дека попустот важи за сите производи.
Е.М