Охриѓани сметаат дека владината кампањата за конзумирање на здрава храна „Здравјето е избор“ можеби ќе ја подигне свеста за здрав живот, но нема да има значителни резултати бидејќи здравите намирници значат дополнително оптоварување на семејниот буџет. Според нив речиси сите граѓани би сакале да се хранат здраво, но мал е процентот на оние кои имаат доволно пари тоа да си го дозволат.
Според он-лајн анкетата која во текот на изминатиот период ја реализираше OhridNews, 57% или вкупно 607 испитаници одговориле дека кампањата „Здравјето е избор“ не е корисна за граѓаните, додека пак 43% или вкупно 456 наши читатели сметаат дека оваа кампања е корисна.
Дел од повозрасните охриѓани со кои поразговаравме на оваа тема сметаат дека и пред да се спроведе кампањата се хранеле со здрави намирници.
-И пред да ја слушнеме кампањата за здрава храна ние дома купувавме овошје и зеленчук и тоа оние намирници кои се поевтини или сезонски. Во овој период најчесто конзумираме јаболки и мандарини, а од зеленчукот, компир, кромид, боранија, грашок, зелка, додека брокулата и останатите слични производи се поскапи за нашиот џеб. Од видовите леб отсекогаш сме го користеле оној кој е од бело брашно и сметам дека и понатаму ќе го користиме бидејќи истиот е поевтин и има поголема тежина од црниот, вели госпоѓа Снежана (51) која ја затекнавме на зелениот пазар во Охрид.
Таа смета дека кампањата е повеќе насочена кон младите, бидејќи тие се почесто конзумираат брза храна, слатки и сокови.
Од продавниците и маркетите каде што се продаваат интегрални производи велат дека не забележале значително зголемување на прометот како резултат на владината кампања.
-Работиме претежно со постојани муштерии, а позаинтересирани се сепак помладите. Најголем интерес има за интегралните житарки, семиња, интегралните брашна, безглутенските производи, макробиотска храна, сушени овошја, интегрални колачи, интегрални тестенини, соини производи и многу други здрави намирници кои се дел од нашата палета. Сепак прометот зависи од куповната моќ на луѓето, која не е на толку на високо ниво, велат од охридските продавници за здрава храна.
Кај дел од помладите охриѓани во последно време се јавува тренд на придржување кон различни диети или нутриционистички планови за исхрана.
-Се придржувам на нутриционистичките насоки кои ми ги даде лекар, кај кој одам на третман за слабеење. За околу еден месец успеав да симнам повеќе од 10 килограми и многу сум задоволна. Се работи за балансиран режим на исхрана кој ги вклучува сите здрави намирници и е потполно безбеден за здравјето, вели Марија (28) од Охрид.
Таа нагласува дека до сега овој режим на исхрана го препорачала на голем број роднини и пријатели кои исто така имаат резултати.
Инаку според кампањата на Владата здравата исхрана треба да се состои од зеленчук, со исклучок на компир, овошје, целозрнести житарки и здрави протеини. Притоа, овошјето и зеленчукот би требало да сочинуваат половина од внес на храна и треба да бидат разновидни и разнобојни. Една четвртина од дневната храна треба да отпаѓа на целозрнести житарки и производи добиени од нив, а последната четвртина би требало да им припадне на здравите протеини како што се грав, соја, леќа, боранија, јаткасти плодови, риба и пилешко месо.
Исто така во рамки на кампањата се потенцира дека здравата храна треба да се комбинира со редовна физичка активност преку која може да се намали стапката на малигните заболувања до 60 отсто, на срцевите заболувања до 80 и на дијабетот до 90 отсто.
Е.М