Иако во поголемите македонски општини се бележи зголемување на бројот на заболени од грип, во Охрид засега не се регистрирани алармантни податоци за пациенти кои имаат симтоми на ова сезонско заболување.

Според евиденцијата на охридскиот Центар за јавно здравје, во текот на изминатите три недели во Охридскиот регион биле пријавени околу 15 лица со клиничка слика на грип.

-Ова не е голема бројка споредено со другите градови, каде има зголемување. Помалиот број на заболени кај нас се должи на малата загаденост на воздухот како и на големиот интерес за вакцинација од грип. Нашите податоци велат дека до сега вакцини против грип примиле околу 2.500 лица од овој регион, информираше д-р Јованка Стурлакова Корвешовска, од Епидемиолошкото одделение при Центарот за јавно здравје во Охрид.

Според неа благо зголемување на бројката на заболени од грип, се очекува по новогодишните празници, поради поголемата раздвиженост на гости и туристи, кои ќе престојуваат во нашиот најголем туристички центар.

За да се спречи ширењето на сезонскиот грип, лекарите по општа медицина најчесто советуваат да се конзумира храна богата со витамини, да се избегнува долг престој во затворени простории и да се внесува доволна количина на течности во организмот.

OhridNews