Традиционалном со мировен марш, попладнево во Охрид се одбележа Меѓународниот ден на мирот. Свежо цвеќе беше положено на бистите на паднатите борци и илинденци во Градскиот парк, а централната прослава се одржа на плоштадот „ Св.Климент Охридски“.

– Правото на мир е од огромна важност во поглед на насилството кое го загрозува светот. За да создадеме мир мора да ги увидиме последиците од војувањата во светот денес. Поради тоа што војните започнуваат во умовите на луѓето, токму таму треба да се изгради одбраната на мирот. Оваа изјава напишана од земјите- членки основачи на УНЕСКО, во време кога светот се опоравувал од урнатините од Втората светска војна важи до ден денес, беше истакнато на собирот.

Како што потенцира потпретседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебарца, Никола Стефаноски овој ден значи многу со оглед на тоа дека преку целата година најмногу се зборува за воени дејствија низ светот.

– Затоа е задоволство да позборуваме за мирот, за иднината на најмладите на кои им треба мир и да имаат среќно детство, додаде Стефаноски.

Пред присутните се обрати и заменик градоначалникот Ангел  Јанев кој истакна дека пораката е единствена- да има мир, да нема насилство и дека има многу начини за луѓето да бидат еднакви меѓу себе, да се поврзуваат , си помагаат и живеат во едно посреќно и поубаво општество.   

На прославата беше прочитана и пораката за мир на Генералниот секретар на ООН Бан Ки-Мун.

Во 2001 година Генералното собрание на Обединетите нации донесе Резолуција со која се покануваат сите држави членки на Обединетите нации, регионални и невладини организации и индивидуи да го одбележат на соодветен начин Меѓународниот Ден на мирот, вклучувајќи ја тука воспитната и јавната свест, во иднина да се прославува 21 септември како Светски Ден на мирот и глобален прекин на огнот и насилството и истиот да претставува покана до сите нации и луѓе да го одбележат и да прекинат со насилствата за време на траењето на тој ден. Централниот настан ќе се одржи во Штабот на ООН во Њујорк. На церемонијален начин со звоно генералниот секретар на ОН, Бан ки Мун ќе даде знак за едноминутно молчење точно во 12 часот, во присуство на достоинственици од целиот свет кога ќе ги потсетат членките на ООН и меѓународната заедница за важноста на настанот и потребата да се одбележи овој ден на соодветен начин.

Светската федерација на ветераните овој ден го промовира во светски Марш што се одржува насекаде во светот под мотото „ Ветераните чекорат за мир”. СБМ како членка на светската федерација на ветераните 6-та година е носител и организатор на овој Марш на мирот во нашата земја. Овој проект е поддржан од Владата на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.

OhridNews