Припадничките на понежниот пол деновиве интензивно започнуваат да посетуваат часови за аеробик, пилатес и јога, додека пак машките се почесто уплатуваат термини во професионалните фитнес центри. Помеѓу оние кои се стремат до идеална физичка фигура, пред почетокот на летото има и такви кои започнаа редовно да возат велосипед, да пешачат или да трчаат покрај кејот на Охридското Езеро и по рекреативната патека за Горица.
Лекарите и фитнес инструкторите велат дека физичката активност е исклучително битна за здраво функционирање на целиот организам, но треба да се знае дека потребно е континуирано вежбање во текот на целата година, за да се постигне траен ефект.
-Ретки се луѓето кои вежбаат преку целата година, тие најчесто вежбаат само на пролет или на лето, односно кампањски, кога сакаат да ослабнат за да изгледаат поубаво во летната гардероба. Но треба да се знае дека наглото намалување на телесната тежина и преоптеретувањето на мускулите никогаш не дава задоволителни и трајни резултати. Голем дел од оние кои што брзо ослабнуваат, многу брзо ги враќааат загубените килограми, велат фитнес инструкторите.
Тие нагласуваат дека најчести посетители на фитнес центрите и часовите за аеробик се помладите охриѓани, додека пак оние во повозрасните години не внимаваат многу на одржувањето на својата линија и телесната тежина.