Реализираните активности и проекти на локалната самоуправа во периодот април- декември 2013 се содржани во денес презентираната брошура, испечатена во неколку илјади примероци кои деновиве ќе бидат доставени до граѓаните на општина Охрид.
 
Како што потенцира градоначалникот Никола Бакрачески, во брошурата се наоѓаат информации за сите активности на локалната самоуправа значајни за подобрување на инфраструктурните, организациските и јавните дејности во општината кои се извршуваат согласно законските обврски .

Оваа брошура содржи активности и проекти, кои се или целосно реализирани или се во поодмината фаза на планирање и реализација во 2013. Не се евидентирани тековните активности на јавните претпријатија или секојдневните законски дефинирани управни работи на општината . Најголем дел од реализираните активности се дел од ветената програма во текот на изборната кампања, но има и активности кои не беа во програмата,но ги реализиравме како основна потреба на граѓаните, рече Бакрачески.

Отчетот во брошурата е презентиран на 50 страници, во неколку поглавја и содржи 72 наслови.

Наведени се информации за трансферираните финансиски средства за реализација на активностите, но и за отплатата на 45 милиони денари за сервисирање на старите долгови кон повеќе доверители и уште толку кон јавните претпријатија, како заостанат долг од минатото, додаде градоначалникот.

Бакрачески потенцира дека локалната самоуправа и во наредниот период продолжува со транспарентното, одговорно и отчетно работење кое се практикувало од првиот ден на мандатот, што претставува и обврска кон граѓаните.

Т.К.