Оштетените контејнери без капаци, од кои отпадот и ѓубрето го разнесуваа уличните мачки и кучиња, во иднина ќе станат минато за Охрид. Ова ќе го овозможат новите современи контејнери што ќе ги набави ЈП „Охридски Комуналец“.
Според планираното ќе бидат набавени 200 пластични контејнери со капаци, кои ќе бидат ставени во функција пред почетокот на летната сезона.
-Во претходните години биле набавувани плехани контејнери со метални капаци, но истите не беа функционални бидејќи граѓаните, кога ќе го отвореа капакот не го враќаа назад и не го затвораа, поточно воопшто не го користеа капакот бидејќи беше тежок и нефункционален. Токму поради тоа оваа година имаме тендер за набавка на пластични контејнери со капаци, кои исто така ќе бидат пластични и полесни за користење, вели Елена Скрческа, директор на ЈП „Охридски Комуналец“.
Таа објаснува дека новите контејнери значително ќе придонесат за одржување на подобра хигиена градот, само доколку граѓаните соодветно ги користат.
-Планирано е новите контејнери да бидат поставени на повеќе локации, особено во централното градско подрачје. Доколку граѓаните сакаат да им биде убаво и чисто во околината треба да се придржуваат кон соодветно користење на садовите за депонирање и да не ги оштетуваат, потенцира Скрческа.
Охриѓани ја поздравуваат оваа најава на ЈП „Охридски Комуналец“ и очекуваат состојбата со одлагање на ѓубрето значително да се подобри.
-Од сегашните контејнери ѓубрето често пати се разнесува од уличните мачки и кучиња, што е многу лоша слика за туристите. Јас лично видов како една група на туристи, неодамна се фотографираше пред контејнерите на местото каде што беше старата автобуска станица. Покрај ова, отворените контејнери до сега беа голем проблем во текот на летните месеци, бидејќи од нив се ширеше непријатна миризба, вели повозрасен охриѓанец кој живее во центарот на Охрид.
Според него Охрид како туристички град не смее да си дозволи ниска еколошка свест и треба да ги следи искуствата на светските туристички центри.
Е.М