И покрај тоа што остануваат уште десетина дена до Новата година, многу охриѓани се уште не знаат каде ќе ја поминат најлудата ноќ. Најголемиот дел од нив велат дека поради скапотијата и беспарицата најверојатно ќе прославуваат дома.Угостителите, туристичките работници, трговците и фризерите, велат дека предновогодишната атмосфера кај граѓаните е на многу ниско ниво, во споредба со онаа од пред неколку години.
За патувањата во странство најголем интерес има за новогодишните аранжмани во Србија, Грција, Бугарија и Турција.
– Цените на понудите се различни, но клиентите почесто се одлучуваат за поевтините. Оваа година иако имаме многу голема понуда на поевтини новогодишни аранжмани, побарувачката за нив, во споредба со минатото, е опадната. – вели Јаким Маленко, од туристичката агенција Вис Пој. Како причина за намалениот интерес за новогодишните аранжмани во странство тој ги наведува Светката економска криза и Пандемијата на свински грип.
Излозите на речиси сите дуќани низ Охрид деновиве се новогодишно украсени. Цените на гардеробатата се различни од продавница до продавница и зависат од марката и производителот на истата. Во некои од бутиците има и намаленија на цените.

Речиси во сите ресторани и кафулиња низ Охрид, се организираат свечени новогодишни дочеци. Цените за свечената вечер, се движат од 1.000 до 3.000 денари по лице. Угостителите велат дека оваа година повеќе резервираат помладите, за разлика од минатото, кога на свечен дочек одеа и оние од средната генерација.
– На дочек ќе одат само децата, ние постарите, ќе ја чекаме Новата Година дома. Домашниот буџет е ограничен и не стига за сите. Поважно ми е децата да си поминат убаво, тие се млади ним им е поинтересно, сакаат да се дотераат, да купат нова облека. Иако цените за дочекот во кафичите се високи, не може, да не ги пуштиме на прослава, кога сите млади ќе одат. Значи имале немале, за Нова Година ќе се снајдеме.-вели една средовечна охриѓанка.

-Порано имавме многу поголем промет пред Нова Година, но годинава робата ни се продава послабо. Од тие што купуваат можеме да кажеме дека најчесто купуваат украсни сијалички, а поретко украси за елка и честитки.-велат продавачите на новогодишните тезги кај Чинарот.
Сите охриѓани со кои разговаравме, намалената новогодишна атмосфера му ја препишуваат на економската криза како нов проблем, но и на старите проблеми како што се невработеноста, нередовните плати и презадолженоста со кредити.












