Со пошумување на месноста Орман граѓаните на Охрид ќе се приклучат во акцијата „Денот на дрвото-засадија својата иднина“ која ќе се одржи утре на територијата на цела Република Македонија. За таа цел од страна на организаторите се обезбедени автобуси за бесплатен превоз  до локацијата на која ќе се пошумува.

Автобусите ќе поаѓаат во 9 и 11 часот и тоа по два автобуси од пред ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, два автобуси од пред ОУТУ „Ванчо Питошески“, два автобуси од пред ОСУ „Св. Климент Охридски“ и еден автобус од пред зградата на општина Охрид.

Во акцијата за пошумување ќе се приклучи и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој денеска во паркот на Кеј „Македонија“ наспроти ОУТУ „Ванчо Питошески“ ќе засади дрво од видот источна туја. Според најавите заедно со него дрвја ќе засадат и претседателот на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска и секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

Идејата за пошумена Македонија преку засадување на иднината се појави во август 2007 година, кога амбасадорот на мирот на УНЕСКО, светски познатиот баритон, маестро Борис Трајанов, поттикнува проект за масовно засадување на голините и опустошените планини. Акцијата за прв пат се реализира во 2008 година и во континуитет трае до денес.

OhridNews