Крајот на август и почетокот на септември е периодот во кој најчесто охриѓани се одлучуваат да ги искористат своите годишни одмори и да отпатуваат во некој од туриситчките центри во соседството. Како и изминатата година, интересот за поволните аранжмани кои ги нудат охридските туристички агенции е со ист интензитет, а најбарани дестинации за ова лето се соседна Грција и јадранското приморје.
„Најатрактивни месеци за патување се јуни, крајот на август и септември, кога аранжманите се поефтини и имаат попристапни цени. Охриѓани на еден начин се врзани за сезоната тука. Но не го исклучуваме фактот дека голем интерес има и во шпицот на туристичката сезона, кога цените се повисоки.“ – вели Јаким Маленко, од Туристичката Агенција „Вис пој“.
Оттаму појаснуваат дека оваа година за охриѓани најпривлечни се аранжманите за грчките острови Левкада и Закинтос, со поаѓање од Охрид.
„Покрај овие дестинации кои се привлечни за младите, константен интерес има за туристичките центри на Халкидики. Граѓаните преку нас бараат хотелско или апартманско сместување, а патуваат со сопствен превоз.“ – додава Маленко.
Исто така, од Туристичката Агенција „Елида турс“ потврдуваат дека младите се „најзагреани“ за плажите на грчките острови.
„Грција е доста привлечна за младите поради близината, поволностите кои ги нудиме, но и пристапните цени кои ги опфаќаат аранжманите. Нормално, интерес има и за останатите земји од соседството како Албанија, Бугарија и јадранското приморје.“ – вели Елида Битрак, сопственик на ТА „Елида турс“.
За разлика од минатите години, енормно е зголемен интересот за црногорското приморје со директната автобуска линија на „Галеб“ од Охрид.
„Луѓето се презаситени од Грција, па ова лето зголемен е интересот за Црна Гора. Привлечна дестинација е и Турција со чартер авион, меѓутоа постои разлика во цената. Се поинтересни се туристичките центри во Албанија, земја која е се поатрактвина поради блискоста и поволностите. Не се исклучени ниту аранжманите за Бугариј и Италија, односно подалечните како Дубаи. За Египет интересот е слаб поради моменталната состојба во таа земја.“ – додава Маленко.
Покрај оние кои се одлучуваат да заминат на море, голем дел од граѓаните остануваат во Охрид. Причините кои нашите сограѓани ги наведуваат се беспарицата, лошата економска состојба и невработеноста.
„Едноставно не можеме да си дозволиме да отпатуваме некаде во странство. По мене, нема човек што не сака да замине една недела на одмор во некој од туристичките центри од соседството. Останува да се надеваме дека еднаш ќе излеземе од оваа криза и ќе си дозволиме нормален одмор каков што заслужуваме.“ – вели една наша сограѓанка.
За оние кои одморот ќе минат во Охрид тука се бројните плажи на ривиерата кои го очекуват првиот поголем бран туристи..
O.T.