Охриѓани кои сакаат да дознаат нешто повеќе за ризик факторите и мерките за превенција и заштита од мозочен удар, да направат основни здравствени прегледи и да добијат соодветни медицински совети за подобро здравје, ќе можат да се обратат на пултот кој ќе биде поставен утре на 8-ми септември од 10 до 13 часот на охридскиот плоштад „Свети Климент Охридски“. Оваа акцијата за бесплатни здравствени прегледи и совети за превенција од мозочен удар ја организира Црвениот Крст од Охрид во соработка со Здружението за борба против мозочен удар „Мозочен удар“.
-Ги покануваме нашите сограѓани да покажат грижа за своето здравје и да ги искористат овие можности да добијат корисни совети од стручен тим составен од невролог, физијатар, интернист, психолог и нутриционист за ризик факторите за мозочен удар, препознавање на симптомите, како и начините на превенција и заштита од мозочен удар. Заинтересираните ќе можат да ја контролираат својата здравствена сотојба преку мерење на крвен притисок, ЕКГ и мерење на гликемија односно шеќер во крвта, појасни Сашо Точков, претседател на охридскиот Црвен Крст.
Тој најави дека во сабота на12-ти септември од 11до14 часот исто така на плоштадот „Свети Климент Охридски“ ќе биде организиран уште еден ваков настан.
Стручните медицински лица кои се дел од тимот што ги организира превентивните прегледи и совети велат дека мозочниот удар се уште претставува причина број еден за инвалидитет и трета причина за смрт во нашата земја и во светот. Во Охрид во 2014 година биле евиднетирани 126 мажи и 142 жени кои боледувале од мозочен удар, а од нив 5 мажи и 8 жени биле под 55 годишна возраст.
-Нашата цел е да ги намалиме ризик факторите за мозочниот удар и со советување на населението да се намали бројот на мозочни удари. Според статистиката 65% од општта популација не знаат да препознаат мозочен удар, а дури половина од нив не би превзеле ништо, ниту пак би се обратиле кај доктор доколку забележат некои од ризичните симтоми. Многу е важно веднаш да се препозне мозочниот удар затоа што вистинската терапија се аплицира во правите три часа, вели Маја Божиноска-Смическа специалист невролог во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид
Таа објасни дека дел од симптомите на мозочен удар за кои веднаш треба да се побара лекарска помош се искривување на лицето, слабост на рака или на нога особено на едната страна, отрпнување на едната страна на телото, промени во говорот, незарбирлив говор, намалена можност за изразување, губиток за рамнотежа, нестабилен од, вртоглавици, повраќање и друго.
Најдобра превенција од мозочен удар е одржување стабилен крвен притисок и шеќер во крвта, примена на здрави животни навики, конзумирање на помала количина на масна храна и поголема количина на овошје и зеленчик, одвикнување од пушењето и конзумирањето на алкохол.
Е.М