Охриѓани кои својот летен одмор сакаат да го поминат надвор од Македонија, најчесто се одлучуваат за  Грција, Албанија и Турција.  Од охридските туристички агенции велат дека  летувалците од Охрид , многу ретко одат на летување во шпицот на сезоната и за одмор на море, го бираат периодот во јуни или септември.


-Бидејќи голем дел од граѓаните на Охрид егзистираат од туризмот или се зафатени со обврски во текот на летната сезона, најчесто одат на летување во пред или пост сезона. Таков е случајот и оваа година, а веќе имаме распродадено дел од аранжманите. Првите тури со охридски туристи заминуваат на одмор на почетокот на јуни. Исто така имаме направено голем број резервации и уплати за септемвриските аранжмани,  велат од неколку охридски туристички агенции.

Оттаму нагласуваат  дека најпродавани се аранжманите за Грција, каде што цените се движат од 50 до 250 евра вон сезона и од 250 до 450 евра  во јули и август.


– Грција ја бараат заради близината и нормално заради пристапните цени. Најпосетени од охриѓани и ова лето ќе бидат Полихроно, Олипик Бич, Паралија, Пефкохори, но интерес има и за островите  Крф, Закинтос и Лефкада.  Нудиме најразлични аранжмани со најразлични цени. Цените пред се зависат од самото туристичко место, но и од видот на сместувањето. Охриѓани најчесто се одлучуваат за сместување во апартмани или студија и многу ретко бараат  хотелско сместување и претежно  патуваат со организиран превоз, велат туристичките оператори.

Тие додаваат дека поради близината, интересна дестинација за летување е и Албанија, каде цените за сместување се слични како и во Грција, но голем интерес има и за летување во Турција.


-Годинава голем интерес има за турските летувалишта каде цените за десет ноќевања со појадок, со автобуски превоз се движат од 109 до 400 евра по лице, во зависност од видот на сместувањето. Најголем интерес има за аранжманите за Кушадаси , но задоволителен интерес има и за авионските аранжмани за Алања, Анталија и Кемер кои имаат нешто повисоки цени. Исто така има интерес и за аранжманите за Црна Гора, Хрватска и Бугарија, велат  охидските туроператори.


Тие нагласуваат дека како хит на оваа туристичка сезона во Македонија се нуди Северен Кипар, каде што 10-дневно летување со вклучен авионски лет, чини од 200 до над 1000 евра по лице.

За оние охриѓани кои имаат подлабок џеб, се поактуелни се Египет, Тунис, Дубаи, Шпанија  и Куба, како и крстарењата низ Медитеранот и турите низ Јужна Америка.

OhridNews