Пред објавувањето на вториот повик за доделување на подгрантови за поддршка и развој на туризмот во сите 10 дестинации низ Република Македонија, утре, 23-ти јануари, во Охрид ќе се одржи работилница, во рамки на проектот за локална и регионална конкурентност.
Целта на работилницата е клучните чинители во дестинацијата да се запознаат со концептот, методите и бенефитите од управување со дестинации, а потенцијалните апликанти подетално да се запознаат со специфичните развојни планови изработени од експерти на Светска Банка, кои што ќе бидат основа за доделување на подгрантови во вториот повик за грантови на проектот за „Локална и регионална конкурентност“, да се унапреди јавно-приватниот дијалог како и да се утврдат мисијата и визијата за секоја дестинација.
Работилницата за заинтересираните апликанти од Охрид, Струга, Преспа и околината, ќе се одржи во хотелот Милениум со почеток во 9.15 часот.
На истата локација, утре и задутре, ќе се одржи и работилница посветена на зголемување на продажбата на сместувачките капацитети во Охрид. Настанот ќе се одржи во рамки на ИМЕ програмата „Зголемување на пазарната вработливост“, а е во организација на ЕСА Охрид. Презентер ќе биде Албион Идризи со работно искуство во Германија и Косово, консултант за локални и меѓународни организации во туризмот.
Темите на оваа работилница имаат за цел да овозможат подобро искористување на продажните и дистрибутивните канали и да ја зголемат продажбата сместувачките капацитет преку целата година.
„Зголемување на пазарната вработливост“ (ИМЕ) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), имплементирана од Swisscontact, која од 2015 година работи на зајакнување на секторот туризам и угостителство во Македонија. Тоа се прави преку подобрување на квалитетот на производите и услугите кои се нудат и проширување на пазарите во три дестинации: Охрид, Крушево и Маврово. Оваа година дел од активностите ќе бидат посветени кон зајакнување на понудата на сместувачките капацитети.
OhridNews












