
По оваа обука, во сабота на 7-ми април, на истото место, ќе биде организирана и јавна трибина за граѓаните под мотото “Одговорно сопствеништво, клуч за намалување на бројката бездомни кучиња – за наше добро и добро на животните’’.
Од ,,Анима Мунди” информираат дека овие активности се организираат по повод Светската седмица посветена на бездомните животни.
-Нашето здружение се приклучува кон интернационалните напори за актуелизирање на тешките судбини на бездомните кучиња и апелите за хуманост, сочувство и граѓанска одговорност, како што се вдомување, ненапуштање и стерилизација на милениците за доброто на сите. Секаде во Европа на различни начини ќе биде обележани овие денови, со цел да се привлече внимание врз несреќните судбини на милиони животни кои се на улица, не по своја вина, велат од здружението.
Од таму нагласуваат дека во Македонија, илјадници кучиња и мачки се секојдневно соочени со трауми, глад, физичка болка, труења, тепања, изживувања за кои досега нема казна.
-Потенцираме дека сите тие животни на улица не се родени по своја вина, туку се резултат на човечка неупатеност или негрижа, неконтролираното размножување на домашните миленици и нивното фрлање на улица. Апелираме –животните не се предмети туку нераскинлив дел од природата, чувствителни битија и човекови верни пријатели кои животот го збогатуваат и оплеменуваат, велат членовите на ,,Анима Мунди”.











