Гликозен сируп се продава како природен мед во малопродажната мрежа во Охрид. Пчеларите ги предупредуваат граѓаните да внимаваат што купуваат бидејќи во последно време зачестило присуството на фалсификуван мед во Охридскиот регион.

Охриѓани кои веќе набавиле неоргинален мед сведочат дека истиот го набавиле во супермаркет.

-Бидејќи пчеларот од кој купувам секоја зима немаше мед, одлучив да купам тегла мед од еден локален маркет. На теглата имаше декларација и сертификат дека медот е од природно потекло, мислам дека го платив повеќе од 300 денари, но откако  го отворив  производот,  констатирав дека нема допирна точка со природниот мед туку само наликува на мед. Го однесов и кај пчеларот кој го познавам и тој ми кажа дека сум купила гликоза, го раскажува своето искуство една повозрасна охриѓанка.

Охридските пчелари велат дека зголеменото присуство на фалсификуван мед се должи на помалите приноси на мед кои се резултат на лошите временски услови.

-Годинешната пролет беше многу дождлива, на пример месеците мај и јуни односно оној период во кој треба да се развиваат пчелните заедници времето беше многу влажно. Пчелните заедници се развија по својот биолошки часовник но немаа можност да излезат надвор и да собираат нектар и полен. Летото исто така беше влажно што придонесе пчелите да бидат подложни на болести, па пчеларите преземаа мерки за да ги сочуваат пчелните заедници. Токму заради тоа се произведоа помали количини на мед, појаснува Сашо Апостолоски, долгогодишен пчелар од Охрид.

Тој нагласува  дека токму помалите приноси, придонеле оваа есен цената на медот да биде многу повисока.

-Оргинален мед се нуди во Охрид и истиот се продава по просечна цена од 400 денари за килограм, но има многу фалсификатори кои ги продаваат своите производи, кои наликуваат на мед по многу пониски цени. Овие лажни производители и добро заработуваат, бидејќи еден килограм гликоза, чини од 30 до 45 денари, а тие ја продаваат како мед по цена од над 250 денари за килограм. Но често се случува фалсификуван мед да се продава и по иста цена како оргиналниот, вели Апостолоски.

Тој појаснува дека фалсификуваниот мед не е отровен за конзумирање и истиот може да се разликува од оргиналниот по неколку карактеристики.

-Фалсификуваниот мед е светол и е бистар, а оргиналниот мед не е провиден. Исто така неоргиналниот мед нема карактеристичен мирис и вкус, како што има оргиналниот мед. Најсигурен доказ дека медот е оргинален е неговото кристализирање, бидејќи никој не може да фалсификува кристализиран мед. Трговската марка и примамливата амбалажа не мора секогаш да гарантираат дека медот е оргинален, па затоа најдобро е граѓаните да купуваат мед кај индивидуални производители кои ги познаваат, потенцира Апостолоски.

Тој појаснува дека во рамки на малопродажната мрежа, може да се најде и сертифициран органски мед. На неговата етикета е истакнат знакот за органски производ од Министерството за земјоделство, кој можат да го употребуваат само неколку пчелари од Република Македонија.

На веб страницата на Агенцијата за храна и ветринарство пишува дека при означувањето на медот и другите производи од пчели, операторите покрај одредбите од Правилникот за начинот на означувањето на храната треба да ги земат во предвид и одредбите од Правилникот за стандардите, начинот на одредување на квалитетот и начинот на пакување и означување на производите од пчели по однос на квалитетот.

Е.М