И овој пат охриѓани масовно ќе земат учество во акцијата за збогатување на шумскиот фонд и зелените површини во градот. Во рамки на акцијата, што ја поддржува Општина Охрид, Ј.П.„Охридски Комуналец“ ќе засади садници – “аризонски чемпрес“ во зелениот појас на дел од магистралниот пат Охрид-Св.Наум. Под мотото „ Засади дрво, биди шампион“, ЈП „Билјанини Извори“ на потегот од спортската сала покрај булеварот Туристичка ќе засади 3000 садници, кои ги обезбеди Ј.П.„Македонски Шуми“-подружница Охрид.
Учениците од дел од школите кои се на територијата на општина Охрид, пак ќе бидат вклучени во акцијата за пошумување на локациите Мауцкер и Горица. Во акцијата што ја организира Граѓанската иницијатива за пошумување на Република Македонија, ќе се вклучат и лицата со попреченост. Штитениците на дневниот центар „Порака“ , учениците од посебните паралелки од ОУ „Св. Климент Охридски“, Здружението на слепи лица, Здружението на глуви и наглуви, штитениците на дневниот престој за лица со посебни потреби кое функционира во просториите на црквата Св. Ѓорѓија и Здружението на телесно инвалидизирани лица пред спортската сала „Билјанини извори“ ќе засадат дрвца.
Кон акцијата во Охрид, ќе се придружи и Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска која по повод манифестацијата „Ден на дрвото“ симболично ќе засади дрвце во месноста „Мауцкер“.