НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, светскиот ден на книгата 23-ти април го одбележа со изложба на книги, од неодамна починатиот академик Ташко Георгиевски.

Ташко Георгиевски  е македонски раскажувач, романсиер и филмски сценарист по потекло од Егејска Македонија. Член е на МАНУ од 1983 година.


Оваа изложба ја организираме постхумно во чест на починатиот академик, со оглед на тоа дека неговите творби опфаќаат значаен дел од развојот на македонската интелектуална и книжевна мисла, а во сите негови дела преовладува егејската тема, односно прогонот и судбината на македонскиот народ и граѓанската војна во Грција, истакна директорката на библиотеката, Александра Белеска.


На отворањето на изложбата присуствуваа бројни почитувачи на ликот и делото на Георгиевски.


Академик Ташко Георгиески е писател со посебен стил на пишување. Од него имам прочитано многу дела, и особено ми се допаѓа неговиот специфичен стил, при што би ги истакнала неговите драми кои беа претставени и на филмското платно, вели Марија Младеноска.  

Георгиевски студирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Работел во редакцијата на весникот „Млад борец“ и во списанието „Современост“. Бил уредник во Македонската телевизија и во издавачките куќи „Мисла“ и „Македонска книга“.

Зад себе остави богат и значаен прозен опус. Автор е на романите: „Луѓе и волци“, „Ѕидови“, „Црно семе“, „Змиски ветар“, „Црвениот коњ“, „Време на молчење“, „Рамна земја“, „Исчезнување“, како и на збирките раскази: „Ние зад насипот“, „Суви ветрови“, „Куќа под калето“ и други. Автор е и на автобиографските записи „Плочата на животот“ и „Творечката лабораторија на писателот“. Романите „Црно семе“ и „Црвениот коњ“ се филмувани и како такви имаа голем успех. Неговите дела се преведени на повеќе јазици во светот.

Ги има добиено наградите: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Стале Попов“, „Рациново признание“.

OhridNews