Иако, зголемен е трендот на правење здравствени, односно, орални прегледи кај стоматолог, сепак, граѓаните на Охрид котираат на врвот по бројот на расипани и извадени заби. За превенција од ваквата појава, како што советуваат дел од охридските стоматолози, потребно е зголемување на свеста кај граѓаните, за извршување редовни стоматолошки прегледи.
Според д-р Ангеле Гиноски од стоматолошката ординација „Дентомедика“, покрај навремените стоматолошки прегледи, најбитно е одржувањето на оралната хигена. „Една од најважните работи, е секако, стекнувањето навика кај децата да ги четкаат забите после секој оброк. Кај децата со млечни заби, почесто е присуството на кариес. Во последно време, од страна на детската и превентивна стоматологија, се врши организирано залевање на трајните катници.“-вели Д-р Гиноски.
Еден од основните приниципи на одржување на хигиената во устата, е правилното и редовно четкање на забите – информира Д-р Небојша Баткоски, од стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“. „Четкањето во принцип трае од 2-3 минути. Иако, малите деца, после 20 секунди го прекинуваат четкањето, треба да се стекнат со оваа навика и да бидат поистрајни. Четките треба да се меки, додека за употребата на електричните четки за заби, мислењата на експертите се поделени. Промена на четките се врши на три месеци, но доколку лицето има вирусна инфекција, се препорачува почеста промена.“-вели Д-р Баткоски.
Исто така, голем број на промени во усната шуплина, можат да претставуваат знак за систематско пореметување на организмот. Како најчест пример се анемијата, проблемите со желудникот и системот за варење. „Доколку се јават и други промени во усната шуплина освен на забите, како на пример на непцата, на јазикот, на слузокожата, тоа може да е знак за некое нарушување во организмот. Кога усната шуплина и забите се запуштени, можат да влијаат негативно врз здравјето на човекот. Се јавуваат инфекции, кои ги напаѓаат бубрезите, а не-ретко и срцето.“ – додаде Д-р Гиноски.
Како помошно средство, во одржувањето на хигиената на забите, е и забниот конец. Најбитна е неговата правилна употреба, велат соматолозите. „Не секогаш, четките за заби, можат да ја отстранат храната која останува на непцата. Конецот е значаен поради тоа што е во функција, на елиминатор на храната. Кога се применува, најбитен е контактот со непцата и забите. Исто така, битна е и неговата правилна употреба, со цел ефикасно отрстанување на остатоците храна.“ – дополнува Д-р Баткоски.

Најдобра превенција се редовните стоматолошки прегледи, а тука голема улога имаат родителите кои треба почесто да ги носат децата на стоматолог, посочува Д-р Баткоски. „Родителите се оние кои мора да се грижат за здравјето на децата. Со редовни прегледи и превентива, ќе се спречи појавата на кариес во најраната возраст, а воедно ќе се надмине фобијата кај децата, што ја имаат од стоматолозите“ – заврши Баткоски.
Инаку, според законот за здравствена заштита, граѓаните можат да направат бесплатни стоматолошки прегледи во ординациите низ земјава. Интервенциите во однос на пломбирање, лекување и вадење на заб, можат да се остварат со одредена партиципација на Фондот за здравствено осигурување, доколку ординациите имаат склучено договор со истиот.
O.T.














