– Најчесто владее милење дека оној кој оди на психолог или психијатар мора да му ‘’фали нешто’’, но тоа не е така, навременото превенирање односно надминување на психолошките проблеми, значи многу за квалитетен живот и добро здравје. Но интересот за психолошките советувања е многу мал иако знаеме дека современиот начин на живеење носи многу проблеми кои ни предизвикуваат психолошки оптоварувања. Но луѓето не се одлучуваат да побараат навремена помош и на терапии доаѓаат кога веќе ќе западнат во тешка депресија или ќе добијат друго психолошко растројство, велат охридските психијатри.
Освен приватните психолози кои наплаќаат за психолошките советувања и сенаси, солидни резултати во своето функционирање не успеа да оствари ни бесплатното Психо-социјално советувалиште кое пред повеќе од две години беше отворено во рамки на Црвениот крст во Охрид.
-Немањето навика, менталитетот, предрасудите, стравот да не бидат видени, апатијата, изгубената надеж дека проблемите можат да се решат или олеснат, се најчестите причини за малиот интерес на охриѓани за барање на психо-социјална помош. Од средината на 2010 година, кога и почна со работа психосоцијалното советувалисте во рамки на Црвен крст Охрид, само неколку лица пројавиле интерес за бесплатните услуги од стручните лица и речиси сите биле од ранливата категорија, односно лица со нарушен социо-економски статус кои секојдневно се борат за егзистенција, вели Сашо Точков, претседател на Црвениот Крст во Охрид.
Тој нагласи дека граѓаните траба повеќе да се мотивираат и да побараат стручна помош за своите проблеми.
-Мотивот за барање на ваква стручна помош граѓаните може да го најдат преку најразлични форми на едукација, најпрвин треба да ја почувствуваат корисноста од комуникацијата и контактите со стручните лица, да стекнат доверба во институциите кои ги опслужуваат, како што се Центарот за социјална работа, воспитно образовни институции, здравствените организации, преку недискриминаторски однос од страна на тие институции и слично, вели Точков.
Тој информираше дека поради слабиот интерес за услугите во советувалиштето, неговата досегашната класична работа, Црвениот крст во иднина ќе ја трансформира во давање на психо-социјална помош и поддршка на ранливите категории преку мобилни обучени тимови кои своите услуги ќе ги даваат на терен при посетата на таквите семејства. Ваквиот начин на работа треба да почне со имплементација од септември оваа година.
Инаку Психо-социјалното советувалиште го водеше стручен тим составен од психолог, социјален работник, дефектолог и општ лекар. Покрај лицата со психолошки проблеми како што се депресија и социјална апатија, планирано беше стручниот тим на советувалиштето да работи и со адолесценти, лица со болести на зависност, лица со пореметување во исхраната и слични проблеми. Исто така во советувалиштето требаше да бидат третирани и семејни и брачни конфликти.