Охриѓани многу ретко издвојуваат средства од својот годишен буџет за осигурителните полиси и речиси воопшто не покажуваат интерес за осигурување на  своите домови, движниот и недвижниот имот, од несреќи. Освен нематеријалното осигурување тие не сакаат да трошат пари ниту за осигурување на својот живот и животот на  своите најблиски.

Агентите за осигурување кои работат во охридскиот регион  велат дека една од главните причини за малиот број на склучени полиси во Охрид е нискиот животен стандард, но како причина плус ја наведуваат и неинформираноста на граѓаните за важноста на осигурувањето и што тоа обезбедува. Исто така, врз оваа незаинтересираност  значајно влијае и тоа што во нашата земја нема традиција за користење на осигурителни полиси,  каква што постои во земјите од Западна Европа.


Според евиденција на осигурителните компании, во Охрид  најчесто се склучуваат полиси за задолжителни осигурувања, за кои постои законска обврска.

-Тука спаѓаат осигурувањето од автоодговорност, кое е задолжително при регистрација на моторните возила и здравственото-патничко осигурување, кое е задолжително при патувањата надвор од Македонија. Исто така почесто се склучува и Каско осигурување, кое е задолжително при купување на возило на кредит, велат од охридските експозитури на неколку Осигурителни компании.

Од таму објаснуваат дека интересен е фактот што куќите, становите, дуќаните, фабриките и другиот вид на недвижен имот, охриѓани го осигуруваат само во случај на хипотекарен кредит.

-Многу мал е бројот на лицата кои самоиницијативно и по своја желба решаваат да го осигураат својот имот. Од  склучените полиси за осигурување на имот, повеќе од 90 проценти им припаѓаат на оние полиси кои се склучени поради тоа што имотот е ставен под хипотека, заради подигање на кредит. Значи и овој вид на осигурување е потикнато од задолжителна процедура и нема поврзаност со желбата на граѓаните, велат  агентите за осигурување.

Тие потенцираат  дека цените за полисите за осигурување не се многу скапи.


-На пример за осигурување на еден стан од 50 метри квадратни, со мебелот и покуќнината заедно, од основни ризици, како што се пожар и природни непогоди, сопственикот  треба да плати од 1.000 до 1.500 денари годишно. Ова е мала сума во споредба со онаа што осигурителната компанија ќе му ја исплати, доколку неговиот дом претрпи штета, објаснуваат агентите.

Покрај малиот интерес за осигурување на имотот кај приватните лица, речиси сите  јавни објекти на подрачјето на Општина Охрид се осигурени во случај на несреќи. 

Е.М