Како и секоја новина која битнпо влијае на навиките, граѓаните тешко се прилагодуваат на новиот режим на сообраќај. Мнозинството од нив сметаат дека донесеното решение со кое голем број градски сообраќајници станаа еднонасочни, не е најидеално.
Во анкетата што за сопствени потреби ја проведе OhridNews, на прашањето: „Дали новиот режим на сообраќај во Охрид е функционален?“ – 77 отсто од читателите одговориле негативно, додека 23 проценти сметаат дека тој ќе го подобри одвивањето на сообраќајот во претстојната туристичка сезона.
Охриѓани и гостите ова лето ќе треба да се прилагодат на новиот режим на сообраќај, со кој сите улици кои гравитираат кон главниот плоштад во строгиот центар на градот, но и голем дел од сообраќајницитете во неколку населби станаа еднонасочни. Во центарот, како и во стариот дел на Охрид во периодот од 20 до 5 часот сообраќајот на места целосно ќе биде забранет, а во останатиот период на дел од улиците на сила ќе биде таканаречен тивок режим, кој подразбира движење на возилата со брзина на пешак.
Од општинскиот совет за безбедност во сообраќајот сметаат дека новиот режим ќе го подобри и ќе го растовари одвивањето на сообраќајот во градот во туристичкиот шпиц, но само доколку тој биде поддржан од сообраќајната полиција и почитуван од граѓаните на Охрид.