Охриѓани, не се добро запознаени  со најавениот проект за изградба на модерни патиша од Кичево до „Св. Наум“. Деновиве, овој амбициозен план го обелодени Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Со него се предвидува модернизација на патните правци до брегот на Охридското Езеро.

Вакви проекти се најавуваат веќе од поодамна. Во моментов не сме запознаени дека има заинтересираност за изградба на една ваква патна инфраструктура. Доколку навистина се планира оваа инвестиција, граѓаните попрецизно треба да се информираат околу деталите. Никој не знае дали тоа ќе биде автопат или само ќе стават нов асфалт. Не ми е јасно што планираат кај Пресека и планинските превои до Кичево“ – вели еден наш сограѓанин.


Некои се крајно разочарани од моментална патна инфраструктура, која го поврзува градот со другите населени места. „Нашите патишта се градени и така оставени уште од акциите во времето на Тито. Од време на време ќе ги закрпат дупките, но тоа е се. И новиот пат до месноста „Св. Стефан“  кој е изграден пред 10-тина години беше одличен, но сега се наоѓа во очајна состојба. Мака мачиме да стигнеме до Скопје, посебно во зимскиот период. Се навикнавме на овие услови на патиштата“  – истакна повозрасен граѓани кој сакаше да остане анонимен.


Сообраќајните инеженери посочуваат дека инфраструктурата на една држава, почнувајќи од авио сообраќајот па се до патиштата, е нејзина главна артерија. „Од економски и временски аспект, проектот лично го оправдувам. Со него би се подобрил квалитетот на транспорт на луѓе и стока низ државава. Се што се прави е со цел да се подобри моментална состојба. Од друга страна возењето со 90 до 110км/час кое е карактеристично за автопатите, е со најмал процент на испуштени штетни емисии во воздухот. Тоа е уште едно оправдување за проектот, од една еколошка гледна точка“ – вели Ѓоко Паунковски, дипломиран сообраќаен инженер од Охрид.

Ресорниот министер во изјава за медиумите истакна дека за подобрување на патната инфраструктура која го поврзува Охрид, ќе се користат префернецијалните кредитни линии во соработка со „Експорт Импорт Банката“ на Кина. Во првиот квартал на 2013 година, планирано е да започнат градежни активности на делницата Миладиновци-Штип. Покрај овој патен правец, се планира изградба на правците Штип-Кочани, Кичево-Охрид и Охрид-Св.Наум.

О.Т