Охриѓани  кои имаат итна  потреба од лекови во текот на ноќните часови нема каде да ги набават, затоа што во Охрид нема ниту една дежурна аптека. Сите аптеки кои функционираат низ Охридскиот  регион работат исклучиво до 20 или најдоцна до 21 часот и ниту една од нив до сега нема воведено редовна ноќна смена. Состојбата е навистина алармантна за гостите и туристите, на кои често пати им требаат  лекови во текот на ноќта.

Граѓаните се жалат дека поради тоа што во Охрид нема дежурна аптека, се принудени и за најситни здравствени проблеми да одат на Брза помош.

-Јас немам хроничен покачен крвен притисок, но пред некоја вечер почувствував нелагодност, па со домашниот апарат за мерење притисок измерив дека истиот ми е над нормалата на која што обично го носам. Бидејќи дома чувам резерви на лекови веднаш го побарав лекот, кој обично го пијам во вакви состојби, но бидејќи лекот ми се потрошил, ги пратив децата да ми купат друг лек. Иако беше околу 23 часот, тие не успеале да најдат ниту една аптека отворена, па заради тоа морав да се јавам на Брза помош, каде примив инекција, вели една повозрасна госпоѓа од Охрид.

Освен охриѓани со вакви слични проблеми се соочуваат и голем број на викенд гости и туристи кои преку целата година го посетуваат Охрид.

-Во декември за време на Новогодишните празници, во апартманот имавме гости од Србија. Една од гостинките се жалела на силна главоболка, па бидејќи не можеле да најдат отворена аптека, иако беше после полноќ ми се јавија мене за да им однесам лек. За среќа во мојата домашна аптека имав аналгетик па и им однесов, вели еден охридски станоиздавач.

Од Подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување објаснуваат дека во Охрид не функционира ниту една дежурна аптека, затоа што ниту еден од сопствениците не пројавил интерес да воведе ноќна смена.

-За да една аптека воведе 24-часовно работно време не треба да вади посебни дозволи или да исполнува посебно пропишани услови, туку едноставно треба само да обебеди кадар кој би работел во ноќните часови. Но бидејќи тоа е дополнително оптоварување на трошоците кои ги имаат сопствениците, до сега ниту една од охридските аптеки не вовела вакво работно време. Имам информација дека единствено некои аптеки работат на повик во ноќните часови, односно имаат истакнато телефон, на кој пациентите можат да се јават и да ги повикаат, ни објасни во телефонскиот разговор Славе Крстаноски, раководител на Подрачната единица ФЗОМ во Охрид.

Тој нагласува дека во текот на летниот период, поради поголемиот број на туристи кои престојуваат  во Охрид, аптеките дежураат наизменично.

-Обично пред почетокот на летната сезона  до аптеките доставуваме список како препорака за воведување на ноќно дежурство. Во овој список сите аптеки кои имаат склучено договор со ФЗОМ, им се препорачува да направат меѓусебен договор и координација и ротационо, во текот на летото да воведат дежурна смена. Оваа практика сме ја применувале во неколку изминати лета и наиде на добар одзив кај аптеките, па дел до нив воведоа ротационо дежурно работно време, појаснува Крстаноски.

Тој нагласи дека за сите пациенти кои имаат здравствени проблеми во текот на ноќните часови надлежност има и Брзата помош, која во секој момент располага со соодветна терапија, така што пациентите можат да се обратат таму.

Е.М