-Во последните неколку години празникот се слави само во еден ден, па поради тоа, ретко кој може истиот да го спои со неколку работни дена и да замине на кратко патување. Но причина за намалување на интересот за групните патувања за првомајските празници е и беспарицата, велат од неколку туристички агенции од Охрид.
Оттаму објаснуваат дека интересот за првомајските патувања и никогаш не бил многу голем, затоа што македонските граѓаните имаат други навики и традиции поврзани со овој празник.
-Овде и граѓаните кои што имаат средства и време да одат на патување не го прават тоа, затоа што Први мај по традиција се обележува со друштво на пикник ,со скара и пиво, па и најголем дел од граѓанитe така го прославуваат денот на трудот. Тоа е навика која долго време наназад се всадувала и многу тешко може да се искорени, потенцираат туристичките работници.
Според нив граѓаните кои сепак се одлучиле за првомaјски празничен викенд во странство, претежно заминале во Грција, Албанија, Хрватска и Србија. Инаку првомајките аранжмани кои се нудеа низ охридките агенции годинава се движеа од 60 до 200 евра, во зависнот од богатството на самата понуда.
Граѓаните на Охрид, со кои успеавме да поразговараме велат дека не би постоел некој кој не сака да оди на викенд или да празнува надвор од Македонија, но според можностите и животниот стандард, патувањата според нив се сеуште луксуз.
-Патувања можеби во некои подобри времиња. Годинава како и секоја година, празникот на трудот, ќе си го прославиме со семејството на пикиник, но ќе се потрудиме да има богата скара, затоа што без скара, не е први мај, вели еден наш сограѓанин.
Голем дел од граѓаните кои работат во приватниот сектор, денес празникот на трудот ќе го поминат работно, затоа што модерните работодавци се почесто не го почитуваат значењето на Први мај.