Украсни кошнички, зајчиња, кокошки, пилиња, цветови, венчиња, јајца и различни други предмети со велигденски мотиви, кои од година во година стануваат тренд за време на обележувањето на Велигденските празници, не предизвикуваат голема заинтересираност кај охриѓани. Иако излозите на голем број продавници и цвеќарници низ Охрид се преполни со вакви предмети, домаќинките велат дека беспарицата и нискиот стандард не им дозволува да купат се што им се допаѓа.


– Ме привлече шаренилото од бои и дезени на излогот, но да ви кажам искрено доста скапи се украсите. Можеби ќе купам некоја кошница и слама, но за останатите украси иако многу ми се допаѓаат, нема да можам да издвојам пари од семејниот буџет, зошто нема да ми стигне за другите работи кои се потребни за празникот, вели една повозрасна госпоѓа, која ја затекавме во една охридска цвеќарница.


Охридските трговци кои продаваат вакви предмети велат дека иако од година во година понудата на велигденски украси е сé поголема, побарувачката е се помала.

-За жал годинава нема многу голем интерес за овие производи. До сега имаме продадено само неколку прекривки кои беа со велигденски шари, од малите пиленца и неколку кошнички. Од украсните чинии, од керамичките и сламени украси до сега не продадовме ништо. Можеби прометот ќе го зголемиме наредната седмица, кога и логично треба да започнат главните подготовки за празникот, вели вработената во еден охридски дуќан.


Инаку цените и понудата за велигденските украси е различна и зависи пред се од квалитетот и изработката на истите. Цените на кошничките и корпите се движат од 120 до 600 денари, според големината. Малите жолти пиленца се со цена од 5 до 15 денари. Цената на сламата за корпи е од 30 до 60 денари по кесичка, а цената на прекривките за маса се формира во зависност од големината, но се движат од 200 денари па нагоре. Поскапи се секако керамичките украси, кои ги има во најразлични форми и големини.

OhridNews