Иако се уште не е започната сезоната на зимски одмори, голем број охриѓани веќе го имаат уплатено и испланирано своето зимување во декември, јануари или февруари, благодарение на големите попусти и акции за рана уплата на аранжманите.
Од охридските туристички агенции кои нудат вакви попусти велат дека слично како и кај понудите во лето, од година во година расте интересот за рана уплата и кај зимските одмори.
-Има повеќе поволности од раните резервации. Првенствено навремено планирање и заштеда на семејниот буџет со попусти од 10 до 70 проценти, во зависност на терминот на активирање на барањето за одреден аранжман, како и датум на уплата на истиот. Тука важна е и можноста за избор на хотел, со добра локација, поглед, кат, квалитет, затоа што само со рана резервација клиентите може да избираат. Во висока сезона клиентите плаќаат поскапо но сепак мора да се согласат со соодветната понуда без можности за голем избор, затоа што поголем дел од капацитетите се веќе продадени, велат од Туристичката агенција „ВИС ПОЈ“.
Дека е зголемен интересот кај охриѓани за рани уплати за зимските аранжмани потврдуваат и од агенцијата „Елида Турс“.
-Нашите клиенти од година во година значително го променија начинот на однесување во поглед на раните уплати. Така што голем број од нив веќе ги имаат уплатено аранжманите за зимскиот одмор по поволностите кои ги нудиме. За рана уплата се користат попуст од над 20 проценти, а во некои аранжмани се клиентите плаќаат за 6, а ќе може да престојуваат седум ноќи. Поволностите за раните резервации не се новина, во западните земји ваквите акции одамна се практикуваат, а со уплати во одредени термини едно семејство може да заштеди дури и до 300 евра, а тоа не е малку, велат од Туристичката агенција „Елида Турс“.
Слично како и минатата година и оваа година најинтересни за охриѓани се понудите за Банско, Боровец и Пампорово во Бугарија, но постои значителен интерес и за зимските аранжмани за Копаоник, Златибор и Стара Планина во Србија.
-На понудата се различни аранжмани кои одговараат на сечиј вкус и буџет. Кога се зборува за цените во бугарските зимувалишта, со оглед на огромната понуда, би сакале да напоменеме дека со најниски цени се сместувањата во приватни куќи, каде цената по кревет се движи од 8 евра или 32 евра за четворокреветен апартман, додека во хотелите најниската цена е од 22 евра на база ноќевање и појадок по лице. За српските центри Златибор и Копаоник во Србија на пример цената се движи од 38 евра по лице за ноќевање и појадок, објаснуваат од „ВИС ПОЈ“.
Туристичките агенти велат дека на цената најмногу може да влијае избраниот термин за зимување и категоријата на сместување.
-На пример помеѓу најповолните зимски аранжмани е седумдневен престој во хотел во Банско со вклучен појадок кој чини од 120 евра по лице. Освен зимските центри во регионот, охриѓани кои имаат подлабок џеб резервираат и поскапи зимски одмори во ексклузивни зимски центри во Словенија, Италија, Франција, Австрија за кои исто така има одлични понуди, нагласуваат од „Елида Турс“.
Освен за раните резервации за зимување, од охридските агенции не информираа дека во овој период од годината охриѓани покажуваат значителен интерес и за новогодишните аранжмани со автобуски превоз од Охрид за Прага и Истанбул со три ноќевања, како и за пакет аранжманите за Венеција, Малта, Виена, Париз и кратките есенски одмори во Банско и Сандански во Бугарија.
Е.М