
-Интенцијата на стручните служби и советот за бзбедност во сообраќајот е да се оди се повеќе на еднонасочен сообраќај што ќе придонесе за поголема безбедност и несметано одвивање на сообраќајот низ улиците на нашиот град. Тоа е цената која треба да ја платиме, за добро на сите, изјави Томислав Тунтев од Советот за безбедност во сообраќајот.
Летниот режим на сообраќај ќе ги зголеми дестинациите на такси превозниците, кои сметаат дека решението што деновиве го изгласа советот на општината, ќе предизвика повеќе позитивни, отколку негативни ефекти.
– Во еден мал дел ќе има зголемување на трошоците, но тоа ќе доведе до значително намалување на времето на чекање, така што сметам дека сепак решението е позитивно, вели еден локален тасксист.
Една од најголемите новини предвидени со летниот режим е воведувањето еднонасочен сообраќај на Кејот „Маршал Тито“, кој вообичаено во сезона се користеше исклучиво како пешачка зона, што наиде на критика кај граѓаните.
– Воопшто не е добро, погледнете сега колку народ се движи, а како ли ќе биде утре кога ќе почне сезоната, во никој случај тоа не треба да се дозволи, ни изјави повозрасен граѓанин.
Поради новиот режим на сообраќај кој на сила треба да стапи на 11 јуни, извршени се измени во програмата за поставување урбана опрема, која и оваа година ќе ја има во централното градско подрачје, но во ограничена зона, информираат од локалната самоуправа.











