И покрај големите сакрални вредности, милениумската култура и духовно богатство, Охрид како туристички адути упорно форсира комерцијални манифестации кои се препознатлив имиџ за други средини. Втора година по ред во  шпицот на туристичката сезона во Охрид се организира фестивал на пивото.

Граѓаните се поделени околу идејата Охрид да биде домаќин и на ваква манифестација. Во анктета што OhridNews ја спроведе за свои потреби, на прашањето: Дали на Охрид му треба „Пиво фест“, 61 отсто од читателите одговориле со „Не“, додека 39 отсто сметаат дека најголемиот туристички центар во земјата треба да има ваква манифестација.

Во анкетата беа вклучени 1227 читатели.

Забелешки имаат и охридските угостители , кои сметаат дека ваков тип на манифестации доколку треба да се организараат во Охрид, тоа да биде пред почетокот или на крајот од летото, со цел да се продолжи туристичката сезона. Тие посочуваат дека дека Охрид нуди доволно квалитетни  и оригинални настани во шпицот на сезоната укажувајќи дека нивниот промет за време на одржување на минатогодишниот Пиво фест осетно бил намален.

Со ваквите констатации не се согласуваат организаторите на манифестацијата, според кои Пиво фестот нуди добра забава за поголем број на луѓе.

– Мислам дека сите негативни реакции паѓаат во вода, ако воопшто имало такви, бидејќи не сме запознаени. За голем број на луѓе ова ќе биде извонредна забава за да уживаат во тој период. Можеби ова не им одговара на поединци, но ние размислуваме многу повеќе како да понудиме добра забава за поголем број на луѓе. Нивните позитивни реакции се она што нам ни дава стимул да го направиме повторно фестивалот, вели Даниел Димитровски, одговорен за односи со јавноста на настанот.

Организаторите посочуваат дека минатогодишното издание на Охридскиот „Пиво Фест“ ги надминало сите очекувања, како во однос на посетеноста, прометот кој го оствариле пиварниците и музичката програма. Во моментов, според нив, има најава за околу 20 илјади луѓе кои планираат да го посетат охридскиот Пиво фест.

– Ова е единствен музички настан од овој тип кој е комплетно бесплатен за посетителите, кои можат да ужуваат во ладното пиво, добрата скара и врвната музика на едно место, додава Димитровски.

Годинава на фестивалот што ќе се одржи од 28 до 31 јули на стадионот „Атина Бојаџи “ ќе настапат Партибрејкерс, Поздрав Азри, Рибља чорба, Тони Зен, блех оркестарот Черкези и српската фолк ѕвезда Сека Алексиќ.

OhridNews