– Мислам дека нема екипа во втората лига која се подготвува вака како нас. Физичките подготовки ги одработивме феноменално, а од тактичките не сум задоволен. Но, во текот на сезоната и тоа ќе ги доведеме во позитивна насока. Костурот на екипата останува ист како минатата сезона, доведовме неколку засилувања кои мислам дека ќе се вклопат во нашиот систем на работа – рече Андоновски.
Охриѓани во минатата сезона беа вистинско изненадување за противниците во втората лига. На крајот “белите“ во фото финиш со Зомимак го испуштија второто место кое водеше во бараж средба за Супер Лигата.
Натпреварите пред домашната публика беа празник не само за градот туку и воопшто за спортот во Охрид. Од клубот се надеваат дека таа традиција ќе продолжи и ракометот повторно ќе биде избор број еден за охридската публика.
“Гладијаторите“ првиот меч пред охриѓани го играат в недела во 17 часот против тимот на Ѓорче Петров.