Кампањата за одбележување на 16 октомври, Светскиот ден за борба против гладта и Неделата за борба против гладта од 16-22 Октомври, под мотото „ Помислете и на нас“  општинскиот Црвен крст ја започнува со активности насочени кон собирање на прехрамбени производи на пунктови поставени во поголемите маркети во градот, на кои нашите сограѓани можат да донираат производи според своите можности и избор, наменети за социјално најзагрозените семејства во Охрид.

Акцијата официјално ќе започне утре во 12 часот во маркет Супер Тинекс, кај фабриката Лихнида, каде градоначалникот Никола Бакрачески ќе донира производи и ќе ги повика охриѓани да ја покажат својата хуманост со учество во акцијата.

Кампањата,традиционално, секоја година ја поддржува и Лајонс клубот Десарети, чии членови во 14 часот пред седиштето на Црвен крст Охрид ќе поделат хуманитарни пакети на 30 социјално загрозени семејства од Охрид.

Кампањата за Неделата на борба против гладта продолжува се до 22 октомври со најразлични активности на волонтерите на Црвен крст Охрид. Ќе се собираат парични средства со продажба на хуманитарни вредносни бончиња во вредност од 20денари, ќе се собираат прехрамбени производи на специјално поставени пунктови во маркетите низ градот, по што ќе се врши дистрибуција на хуманитарните пакети до ранливите категории на граѓани.

OhridNews