„Новомикс“, „Ново рапид“ и „Левемир“ од попладневно повторно се достапни за лицата од Охрид кои страдаат од шеќерна болест. Иако десетина дена се чекаше потпис од Министерот за здравство, по апелот на Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“ и бројните реакции во јавноста, денеска Тодоров официјално ја одобри донацијата од данската компанија „Новонордиск“ за инсулините кои беа дефицитарни во земјава.
Од инсулинската апетка во Охрид информираат дека инсулин за лицата кои страдаат од шеќерна болест има во доволни количини.
„Во моментов ја добивме донацијата од „Новонордиск“, која доаѓа од Реплек. Така да, на сите пациенти непречено ќе можеме да им издадеме инсулин од таа фармацевтска куќа.“ – информираат од ЈЗУ Општа Болница Охрид.
Од локалното Здружение на дијабетичари нагласуваат дека во изминатиот период имало вознемиреност кај граѓаните поради промена на терапијата, но од денес дијабетичарите повторно ќе можат да ги користат инсулините кои изминатите недели беа дефицитарни.
„Охрид се снабди со сите видови инсулин, по официјалната дозвола од ресорното министерство за донацијата. Во овој еден месец имаше вознемиреност кај граѓаните, нормално додека се навикнат на новиот инсулин. Но од денес, дијабетичарите повторно ќе можат да ги користат Новорапидот и Левемирот.“ – вели Димитри Панџаковски од Здружението на дијабетичари од Охрид.
Од „Баланс МК“ за „24 Вести“ велат дека се задоволни што конечно инсулинот ќе го има во аптеките, но очекуваат дека со новиот тендер за набавка треба се води сметка за повторно да не се јави недостиг од инсулин во земјава.
„Асоцијацијата за детски дијабетес Баланс МК ги известува сите оние кои директно или индиректно беа засегнати од инсулинската криза во државата, дека со инсулините „Новорапид“, „Левемир“ и „Новомикс30”, може повторно да се снабдат во сите инсулински аптеки во Македонија.“ – известуваат од „Баланс МК“.
Охриѓани реагираа на промената на инсулинската терапија
Иако од ресорното министерство деновиве реагираа дека ефикасноста и безбедноста од употребата на Lantus е утврдена кај адолесценти и деца на возраст од 2 години и повеќе, сепак дел од охридските дијабетичари тврдат дека тешко се адаптирале на новиот инсулин. Тие денеска ја поздравија иницијативата на Асоцијацијата за детски дијабетес, за донацијата вредна 700.000 евра со кои се обезбедија инсулини од типовите „новорапид“ и „левемир“.
„Промената на инсулинот беше тешка, бидејќи организмот кај секого различно реагира и потребно е време за адаптација. Сепак, среќна сум што конечно ќе можам да си ја земам стандардната терапија.“ – вели охриѓанка, кој неколку години боледува од дијабетес.
Околу 7000 охриѓани страдаат од шеќерна болест
Статистичките податоци со кои располагаат медицинските експерти говорат дека во Охрид повеќе од 7000 луѓе страдаат шеќерна болест, а алармантно е што секојдневно се регистрираат нови случаи на дијабетес без разлика на возрасната граница.
Што всушност е дијебетесот?
Дијабетесот претставува заболување на метаболизмот, кое се карактеризира со зголемено количичество на шеќер во крвта поради неправилна работа на панкреасот, односно недоволно лачење инсулин. Иако како главен фактор кој ја предизвикува оваа болест се посочува генетската предиспозиција, сепак експертите се децидни дека кај 30 отсто од случаите дијабетесот се јавува поради претрпен стрес.
О.Т.