Иако уличното осветлување во поголемиот дел на Охрид е функционално, сепак некои фрекфентни локации се уште се наоѓаат во мрак. Охриѓани имаат забелешка на електричните светлки, кои поради својата нефункционалност предизвикуваат проблеми кај возачите и ја загрозува безбедноста на пешаците.
Граѓаните со допис до OhridNews реагираат дека за разлика од поголемиот дел на булеварот „Туристичка“, уличното осветлувување кај хотелот „Дончо“ е нефункционално, односно веќе неколку недели електричните светилки не ја вршат функцијата за која се наменети.
„Состојбата на уличното осветлување од Лескајца до влезот на градот е во катастрофална состојба. Надлежните како да водат грижа само за централното подрачје, а овој потег иако е доста фрекфентен, како да е подзаборавен. Посебно делот спроти хотелот „Дончо“ на самата крстосница. Нема никакво осветлување, сијалиците се прегорени, дел се оштетени, а со недели е жива темница.“ – велат охриѓани, во дописот испратен до OhridNews.
Сличен е проблемот и во централното градско подрачје, каде не функционираат дел од светилките на булеварот „Македонски просветители“, од потегот кај „Охридска Банка“ до пресекот со улицата „Абас Емин“.
„Повеќето електрични светилки се прегорни и така оставени подолг период. Оние најновите, кои беа поставени пред неколку години воопшто не се функционални и ставени во употреба. Едноставно ваква слика не личи за овој дел на градот.“ – потенцираат наши сограѓани.
Жителите од „Богомилска“ истакнуваат дека дел од оваа улица воопшто нема електрични светилки, а потегот е најчесто осветлен од поединци, сопственици на индивидуалните куќи.
„Ако комшиите не пуштат светло во своите дворови, улицата ќе е буквално во темница. И оние малку светилки се во лоша состојба, час работат, час не функционираат. Навечер, посебно во зимскиот период, навистина е тешко да се помине оттука.“ – реагираат жителите од улицата „Богомилска“.
Охриѓани имаат забелешки и на слабото осветлување во повеќето периферни делови на градот. Како критични ги наведуваат улицата „Никола Карев“ кај „Историски Архив“, „Момчило Јорданоски“ во населбата „Гоце Делчев“, како и делови од Видобишта.
O.T.