Граѓаните на Охрид со резерва гледаат кон иницијативата на Министерството за внатрешни работи за спуштање на возрасната граница за издавање возачка дозвола за управување со автомобил на 16 години.

На анкетното прашање на OhridNews: Дали со издавање на возачка дозвола на 16 години ќе се подобри безбедноста во сообраќајот – 85 проценти сметаат дека тоа нема да се случи, а 15 проценти се на мислење дека оваа мерка позитивно ќе влијае на безбедноста во сообраќајот.

Според предлогот на МВР, секој постар малолетник ќе може да управува  моторно возило од ,,Б“ категорија доколку наполнил 16 години возраст, поседува лична карта, здравствено и психофизички е способен да управува моторно возило, има завршено најмалку основно образование и има согласност од родителите, законскиот застапник или старателот, заверена на нотар.

„Не можеме да го игнорираме фактот дека малолетниците се охрабруваат да управуваат со моторно возило. Не можеме, ниту да го игнорираме фактот оти голем дел од сообраќајните несреќи со последица смрт, се несреќи каде што возилото е управувано од лице без возачка дозвола. Само во минатата година, сообраќајната полиција регистрираше околу 12.500 прекршоци „управување возило без возачка дозвола“. Лицата кои на овој начин управувале возило учествувале во 448 сообраќајни незгоди со потешки последици во кои 18 лица загинале, а 657 биле повредени. Токму во овие показатели, но и во компаративните анализи со европските законодавства лежат и мотивите во нашите намери да предвидиме можност малолетниците со наполнети 16 години да се стекнат со знаење и дозвола под одредени услови да управуваат возило. Веруваме дека е подобро оваа категорија да ја едуцираме, отколку само да ја казнуваме.“-образложи министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

OhridNews