Како што е познато, Локалната самоуправа одлучи оваа година да организира скромен дочек на Новата година. Причина за тоа, како што изјави градоначалникот на Охрид Александар Петрески е економската криза поради која голем број семејства не может да си приуштат ниту скромна свечена вечера, камоли дочек на Нова година.
– Не е проблем во Охрид да ја донесеме и Лепа Брена или Мадона, но познатите естрадни ѕвезди чинат многу. Сметам дека не треба да се расфрламе со пари за дочекот на Нова година, но тоа не значи дека нема да има добра забава на плоштадот на 31-ви декември, рече Петрески. Тој најави дека Новата година ќе ја дочека заедно со своите сограѓани на плоштадот, каде ќе има целодневна програма која ќе започне со детска забава на која се очекува Дедо мраз да пристигне со падобран.
Експертите посочуваат дека на охридскиот туризам му недостига анимација, без што, понудата е сувопарна и неинтересна за туристите. Тие укажуваат дека Охрид мора да го промени начинот на туристичка презентација, и однапред да ги подготвува аранжманите како што тоа се прави во светот.
-Програмските содржини треба да се носат една година порано, затоа што во туризмот и резервациите и другите неопходни активности мора да бидат програмирани.-велат експерти од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Наспроти ова, Охрид скромната програма за дочек на Новата година ја дефинира длабоко во декември и речиси во последен момент. Според најавите за забавата на градскиот плоштад ќе се погрижи „RNC – бенд“, како и млади и непознати локални естрадни уметници кои ќе имаат можност да се афирмираат на дочекот на Нова година во Охрид.