Амак СП – Фени индустри и Работнички- Пелистер се полуфиналните пресметки кои денеска ќе се одиграат во спортската арена “Билјанини Извори“ . Охриѓани ќе го нападнат бранителот на трофејот Фени Индустри во желба да стигнат до финалето и првиот трофеј во клупската историја.

– Знаеме што не’ чека. Амак не ни е непознат противник, ги познаваме нивните можности. Ги знаеме нивните слаби страни и ќе се обидеме да ги искористиме и да се пласираме во финалето – вели тренерот на кавадарчани Емил Рајковиќ.

Лани Фени индустри стана првиот кавадаречки кошаркарски клуб со титула во Купот, а годинава истиот подвиг ќе се обиде да го повтори Амак во охридска варијанта. Охридскиот клуб ја има предноста на домашниот терен. Но, во лигашкиот дел од сезоната, Фени двапати го совлада Амак, еднаш во „Билјанини Извори“. Во Амак веруваат дека ќе го разбијат малерот во дуелите со „портокаловите“.

 – Фени не’ совлада двапати во првенството, се надевеме дека сега ќе го скршиме мразот. Кавадарчани се шампиони, па ако сакаш да бидеш шампион мора да го победиш првакот – рече тренерот Марјан Лазовски.

Александар Совкоски кој заедно со Лазовски беа во Вардар кога тој клуб пред две сезони го освои Купот, смета оти редно е среќата да им се насмевне.

– Фени е многу незгоден противник со кого имаме негативен биланс, но се надеваме на трета среќа – се надева бекот шутер.

Првото полуфинале Работнички- Пелистер се игра во 17.30, а од 20.00 ќе се сретнат Амак СП – Фени индустри.

М.П.