Голем број охриѓани ја искористија можноста да добијат бесплатен лекарски преглед и совети за превенција од мозочен удар, на пунктот што денеска беше орворен на плоштадот „Св. Климент Охридски“ во центарот на градот.

Иницијативата ја реализираа здружението „Мозочен удар“ и општинската организација на Црвениот крст, а кон неа се придружија и нутриционисти и производители на здрава храна кои на плоштадот ги изложија своите производи.

Мозочниот удар е трета причина за смртност кај луѓето и причина број еден за инвалидитет. Пушењето, алкохолот, стресот и слабата физичка активност се најчестие причини за мозочен удар. Најдобра превенција е промена на животните навики, велат лекарите.

-Ваквите акции ќе придонесат да го подигнеме нивото на знаење за мозочниот удар така што граѓаните само ќе можат да преземат мерки. До 80 посто од мозочните удари можат да се спречат со навремено откривање на ризик факторите и промена на животниот стил.-рече Д-р Маја Божиноска Смичевска, специјалист – невроголог и претседател на здружението „Мозочен удар. 

Во светот оваа болест бележи тренд на опаѓање, што не е случај и во Македонија велат лекарите. Тие ја поздравија одлуката на министерството за здравство да се воведе тромболитична терапија во клиничките центри во внатрешноста, но укажуваат дека во Македонија се уште не постои прецизна статистичка евиденција на мозочните удари, која е неопходна за поефикасно справување со оваа болест. 

– Во Македонија подолг период не е изработена правилна студија, која се надевам за брзо време ќе биде изработена, во која точно ќе се знае инциденцата, преваленцата и морталитетот од различните мозочни удари кои можат да се случат и истата таа студија би ни помогнала да се насочиме кон подобра превенција и заштита на тие пациенти. – изјави Д-р Божиноска Смичевска.

Во Охрид минатата година болнички и амбулантно биле третирани 1500 пациенти со мозочен удар, но се смета дека тој број е поголем. бидејќи дел од пациентите се лекувани во болниците низ државата. Најмногу од мозочен удар страдаат лицата над 65 години, но се поголем е бројот и на помлади пациенти. Најмладиот имал 28 години и бил активен пушач.

Г.М.