Поради брзиот и данамичен начин на живот, се поголем дел од граѓаните на Охрид, кои имаат здравствени проблеми, се лекуваат на своја рака. Терапијата за својата ”дијагноза”, најчесто си ја одредуваат сами, директно во аптека, без при тоа да направат соодвeтни анализи или да се консултираат со лекар.

Од охридските аптеки потврдуваат дека има пациенти кои купуваат лекарства самоиницијативно, но има и одредени медикаменти  за кои задожително треба да приложат лекарски рецепт.


 -Имaме муштерии кои се консултираат со нас за тоа кој лек може да им дејствува, но иако им велиме дека треба да се јават на лекар, тие сепак се одлучуват да си го купат лекот на своја рака. Има и такви кои одат на лекар и си ги препишуваат сите видови лекарства кои одат на рецепт, преку ФЗОМ, без оглед на тоа дали имаат потреба или немаат. Буквално полнат кеси со лекови, кои ги чуваат дома и секако по потреба ги користат, велат фармацевтите од неколку  охридски  аптеки.

Тие објаснуваат дека најчесто, на таков начин се земаат антибиотици, таблети за смирување, терапии за кардиоваскуларни заболувања, аналгетици и различни масти или креми.

Освен лекарствата,  во последно време била зголемена употребата и на витамински додатоци во исхраната.


-Ваквите додатоци најчесто се купуваат по препорака на други лица или по видена реклама. Најмногу земаат  витамин ц, мултивитамински коктели, калциум, магнезиум и слично. Имаме редовни муштерии на кои им даваме до знаење дека прекумерната употреба на ваквите суплементи е лоша, но не ги слушаат нашите совети, велат фармацевтите.

Лекарите по општа медицина, со кои успеавме да поразговараме на оваа тема предупредуваат дека земањето на непотребни лекарства и додатоци во исхраната може да има сериозни поседици. Тие препорачуваат дека  иако живееме во модерно време, здравјето треба да го бараме на зелените пазарчиња и во домашните бавчи, а не во аптеките.


-За да се одржува здравјето и имунитетот треба да се води здрав и редовен живот. Тоа значи да се конзумираат големи количина на овошје и зеленчук и што помалку вештачки односно термички обработени продукти. Исто така од големо значење е и физичката активност. Само така ќе може полесно да се надминат сите стресни состојби, со кои се соочуваме секојдневно и  кои се резултат на современиот начин на живот, велат лекарите, нагласувајќи  дека имунолошкиот систем на организмот треба да се зајакнува природно и дека не е препорачливо земање на различни вештачки додатоци, кои  се произведуваат во фармацевските компании.

Инаку денеска секаде низ Светот се облежува Светскиот ден на здравјето. Овој ден се  прославува секоја година на 7 април, со што се и одбележува денот на основањето на Светската Здравствена Организација. СЗО  е посебна организација на Обединетите нации која делува како кординативно тело на меѓународното јавно здравство. Била основана на 7-ми април 1948 година.

OhridNews