Акцијата за собирање на отпад од електрична и електронска опрема, што во во изминатите два дена ја спроведе Секторот за урбанизам и заштита на животна средина при општина Охрид, предизвика интерес кај граѓаните.

На трите пункта беа собрани педесетина монитори, четириесетина компјутери, стари печатачи и друга компјутерска опрема, како и телевизори, правосмукалки, електрични броила, телефони и друго.

Организаторите се задоволни од одзивот на граѓаните со оглед дека ова е прва ваква акција за собирање на отпад од електрична и електронска опрема на територија на општина Охрид. Овој вид отпад спаѓа во категоријата на опасен отпад и не смее да се меша со останатиот комунален отпад. Отпадот собран во акцијата ќе биде преземен од специјализирана фирма која од Министерството за животна средина и просторно планирање има дозвола за управување со опасен отпад.

Од Одделението за заштита на животната средина при општина Охрид најавуваат слични проекти во иднина со цел подигање на еколошката свест на населението.

OhridNews