Изложбата на околу 60 фотографии насловена “Низ окуларот на времето”, се организира по повод 67-годинишнината од ослободувањето на Охрид, од страна на Центарот за култутрен проток „АРТерија“ во соработка со Центарот за култура „Григор Прличев“.
– Во рамки на изложбата претставени се и фотографии од минатото. Ова е интересна споредба за тоа како изгледал градот и познатите места за кои сме слушале од постарите некогаш, и како изгледаат сега. Сметам дека изложбата ќе побуди голем интерес кај младите, но и кај постарите наши сограѓани, вели Ели Аиноска од АРТерија.
Охрид- некогаш, посетителите можеа да го видат преку старите фотографии на Владо Жура од колекцијата “Некогаш и денес”, како и од фотографиите “Луѓе времиња и обичаи( Охрид низ минатото)”, во сопственост на Иван Групче и Оливера Мишева.
Посетителите имаа можност да се потсетат и на старата охридска чаршија и старите занаети. Тие беа претставени преку презентацијата на проект на етнологот Оливера Мишева, прикажан за прв пат на меѓународна конференција за “Уметничките занаети и градските јадра” во септември годинава.
– Низ фотографиите паралелно се прикажуваат два мотиви- архитектонските промени на чаршијата низ времето, а паралелно со нив и занаетите некогаш и денес. Опфатени се сите промени од 19 век, првата половина на 20 век и втората половина на 20 век до денес. За потребите на проектот беа користени фотографии од фототеката на охридскиот Завод и музеј, фејсубук групата Охрид- Слики од минато, од книгата за Вангел Деребан, фотографии од Владимир Тунтев и Александар Ковачески, објаснува етнологот Мишева.
Посетителите воодушевени од идејата преку старите фотографии за миг да се потсетат и вратат во минатото.
– На Охрид одамна му требаше вакво нешто, прекрасни фотографии преку кои авторите успеаја да ни го доловат Охрид од времето кога сме биле млади. Верувам дека фотографиите се исто така интересни и за помладите. Се надевам дека во иднина ќе се организираат почесто вакви слични настани, изјави еден од посетителите на вечерашната изложба, Љупчо Паункоски.
Изложбата “Низ окуларот на времето” заинтересираните ќе може да ја видат и во текот на наредните седум дена.