За да го ублажат притисокот кој го чувствуваат од многубројните и високи месечни рати од различните видови кредити и кредитни картички, охриѓани во последниот период се почесто подигаат кредити за рефинансирање.

Дел од граѓаните кои веќе подигнале вакви кредити објаснуваат дека истите се единствена можност за покривање на долговите.

-Правевме свадба за синот пред две години и се задолживме со кредит од околу 6.000 евра, истовремено имав отворено две кредитни картички. Бидејќи немав административна забрана на плата, месечното плаќање на ратите навистина ми претставуваше проблем, па затоа се одлучив да земам кредит за рефинансирање со кој ги покрив претходните долгови. Не знам колку е економски исплатливо на долг рок поради каматните стапки, но на месечно ниво мене навистина ми е полесно, бидејќи подмирувам долг само во една банка, вели повозрасна госпоѓа од Охрид, која работи во државна администрација.

Според граѓаните, во моментов најисплатливо е рефинансирањето на станбените кредити.

-Ние имавме подигнато станбен кредит пред три години со рок на отплата од 30 години. Во меѓувреме каматните стапки на станбените кредити многу се намалија и еден пријател кој работи во банка не советуваше да го рефинансираме кредитот. Условите сега се многу поповолни, а доколку ни го одобрат кредитот ќе плаќаме пониска месечна рата, а рокот на отплата ќе ни биде намален на 20 години. Значи за кредит од 30 илјади евра претходно требаше да вратиме над 65 илјади евра, а со новиот кредит ќе треба да вратиме околу 50 илјади евра, појаснува 30-годишен охриѓанец, кој чека одобрување на кредит за рефинансирање во една од поголемите банки.

Дека е зголемен интересот за кредитите за рефинансирање на долгови потврдуваат и од банките.

-Во моментов нудиме специјално дизајниран производ за комплетно рефинансирање на сите видови обврски и нивно консолидирање во еден единствен кредит. Тоа е кредит што подразбира замена на постоечкиот долг кон банката со нов кредит, вообичаено на ист износ и со исти средства за обезбедување, меѓутоа под различни услови како што се пониска каматна стапка, подолг рок на отплата или грејс период. Со кредитот за рефинансирање може да се изврши предвремена отплата на постоечки кредит и да се подмират обврските од кредитните картички, појаснуват одговорните за кредит во една од банките кои имаат филијали во Охрид.

Тие нагласуваат дека овие кредити се наменети за кредитоспособни физички лица кои се во редовен работен однос и имаат уредна кредитна историја.

-Освен кредитите за рефинансирање, често се подигнуваат и ненаменски потрошувачки кредити за отплата на долгови, за кои неретко под хипотека се заложуваат куќи и станови. Исто така континуирано владее интерес за кредитите во мали износи и на кус рок, а постојано има интерес за кредитните картички со одреден лимит на средства, објаснуваат банкарите.

Покрај кредитното задолжување, кај охриѓани актуелно е и синдикалното задолжување односно „купувањето на рати“. За овој начин на купување работната организација склучува договор со продавници, бутици, производители или слични други субјект, од каде вработените можат да купуваат или да користат услуги  на месечни рати, за што подоцна им се одбива од плата.

Е.М