Охриѓани се против намерата на Општина Охрид да ги сече дрворедите  од улиците во централното градско подрачје. На прашањето на Ohridnews- Дали се согласувате со ставот на Локалната самоуправа да се сечат дрворедите на улиците “Димитар Влахов”и “Македонски Просветители”, 83% од анкетираните граѓани дале негативен одговор. Поточно, од вкупно 1030 анкетирани лица, 855 одговориле со Не, а само 175 одговориле позитивно.


Наспроти резултатите од спроведената анкета, градоначалникот Александар Петрески сечењето на дрворедите го објасни како потег кој се превзема во интерес на граѓаните. “ Станува збор за стари стебла кои испуштаат леплива течност и се опасни за минувачите” , рече Петрески. При тоа, да напоменеме дека  Локалната самоуправа наскоро планира да ги  проширува коловозите токму на овие две улици.

Заради задоволување на потребите од областа на урбанизмот, граѓаните секојдневно се сведоци на постојано уништување на зелениот појас, особено во централното градско подрачје. Поради градежни зафати врз една од куќите кои се наоѓаат на улицата Димитар Влахов, неодамна беа исечени две стебла. 

OhridNews