Пред точно 50 години, во Охрид е отворена некогаш популарната кино бавча веднаш до НУ Центар за култура „Григор Прличев“. За многумина, објект кој буди носталгија и спомени, место каде охриѓани во доцните шеесети години од минатиот век организирале собиранки, уживајќи во проекциите на филмови.

Трајче Левески, кој повеќе децении минува во летната кино бавча работејќи со техниката, се сеќава на популарноста кое ова место го имало во втората половина од 20-тиот век.

„Првото летно кино работеше до крајот на 62-ра година во склоп на Долни Сарај. Официјално, во 1963-та се префрливме до новото кино, пред се поради оддалеченоста и свежото време на претходната локација. Летната кино бавча беше одлично место, а интересот кај охриѓани прилично голем. Се прикажуваа различни филмски остварувања, а старото кино ни беше резерва во случај на неповолни временски услови. Нешто пред распадот на Југославија, летната кино бавча се затвори поради немањето доволен филмски фонд во земјава. Колку што се сеќавам, тоа беше во средината од 80-тите години.“ – вели Левески.

Љупчо Паункоски, кој од 64-та до 67-ма година како ученик работи во летната кино бавча и старото кино,  вели дека интересот кај младите бил огромен, а филмовите се прикажувале на старата австриска апаратура од киното „Охридско (ј)Езеро“.

„Филмовите во летната кино бавча беа прожектирани на апарат од марката Херланго, кој е донесен во Охрид 24-та година во старото кино. По 1949/50 истата е префрлена во тогашната летна кино бавча во месноста викана Долни Сарај до 64-та година. После тоа е донесена во новата, тогаш изградената летна кино бавча. Бидејќи имаше само еден кино проџектор, неминовни беа паузи од околу 5 минути, во кои се пушташе музика. Подоцна зедоа дополнителна апаратура, за да не се прават тие прекини. Во вечерните часови, бавчата беше преполна. Во горниот дел имаше сепариња, а надолу беа дрвени столици на расклопување. Понекогаш имаше и различни циклуси на филмови од странските земји, кои се прикажуваа до доцнитевечерни часови.“ – истакнува Паункоски.

Неодамна, оваа популарна локација беше повторно ставена во функција, а Центарот за културен проток АРТерија ја имаше честа после повеќе од две децении да ја отвори летната кино бавча.

„Сакам кога еден град има долга и богата историја поткрепена  со архитектура, споменици па дури и напуштени места кои нешто би рекле за едно минато време. За мене тие напуштени места имаат поинаква вредност. Можеби  затоа што како уметник  од една страна веднаш ги преуредувам во мислите, а  од друга  уживам во онаа нова слика што   природата со текот на годините ја создала.“ – вели Ели Аиноска Христовска, од Центарот за културен проток АРТерија.

Таа додава дека на Охрид му недостасува едно вакво место, кое претставува  одлична можност  за да се случуваат различни културно-уметнички активности . 

„И кога ке се сетите дека тука некогаш  имало некакви собиранки, тогаш се прашувате, а зошто да ги нема и денес. Баш кога се и најпотребни, кога младите и онака веќе не знаат каде! Зборувам за летната кино бавча, која може да ја врати енергијата на еден град и токму тоа да биде еден вид на прибежиште од досадата и баналноста. Место каде уметноста и културата ке бидат на еден поинаков пиедестал без разлика дали подот е поплочен со сјајни плочки или е веќе  изеден од самото време. Мило ми е што со АРТерија ја имавме таа чест да ја отвориме летната кино бавча.“ – додава Аиноска Христовска.

Директорката на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Драгана Боцевска, истакна дека овој простор претставува идеално место за камерни настани, алтернативни културни случувања и различни уметнички перфоманси.

„Мислам дека со самото отворање, наидовме на еден убав одзив кај граѓаните. Во летниот период, оваа локација ќе продолжи со работа. Ќе се прикажуваат филмови, но и бројни претстави и настани. Во вторник, од 20:30 гостува Патувачкиот театар од Вевчани, „Поклони се и падни“ со претставата „Жорж Данден“  од Молиер, во режија на Ѓорѓи Ризески. Исто така, имаме соработка и со турскиот конзулат, а понатака ќе продолжиме со активностите.“ – вели Боцевска.

Оливер Трајчески